Хрватскиот славист и македонист Горан Калоѓера, поранешен почесен конзул на Македонија во Риека, со резигнираност го коментира односот на актуелната власт во Скопје кон македонските малцинства во Бугарија и во Грција.
„Поттикнат од дискусиите дали има или нема македонски малцинства во Бугарија и во Грција, не можам да бидам воздржан и да ги читам тие бесмислици, кои не водат кон ништо. Секако дека постои национално малцинство на Македонци во Бугарија, како и во Грција. Тоа што тие земји и нивните режими се поставуваат на начин да го игнорираат постоењето на македонското малцинство кај нив е вистински доказ за нивната експанзионистичка и нетолерантна политика, што во никој случај не е во согласност со проевропските политики, кои се залагаат за заштита и грижа за националните малцинства.
Кај нас, во Хрватска, без разлика што мислам за актуелната власт, за малцинствата се води грижа на најдобар можен начин. Тие имаат свои претставници во хрватскиот парламент и се великодушно финансирани од хрватската држава. Ова добро го знам на примерот на македонското малцинство во Хрватска. Што не е случај со хрватското малцинство во Македонија.
Малцинствата во другите земји, негувајќи го својот јазик, обичаи, култура и литература, која ја пишуваат на својот национален јазик, се најдобрата можна врска помеѓу домицилната држава, во случајов Македонија, и нејзините сонародници ширум светот. Негирањето на едно национално малцинство, го земам примерот со Бугарија и Грција, е геноцидна и фашистичка ориентација на овие, ајде да ги наречеме ‘европски земји’ кон земја која не е членка на ЕУ.
Исто така, жално и предавнички е како актуелната власт реагира на прашањето за националните малцинства во земјите со кои има политички и геополитички проблеми. Срамни се потезите и односот на македонската политичка елита која не застанува во одбрана на своето малцинство.
Во овој контекст, излегува дека најжестоките поборници за македонската независност се претежно луѓе од дијаспората. Прочитајте ги романите и есеите на Божин Павловски и ќе видите како реагираат и размислуваат Македонците во светот и колку е тежок овој печалбарски живот. Македонците не живеат и постојат само во Македонија, туку во целиот свет и се борат за своите права, но и за правната држава, која денес несреќно (продадено) се нарекува Северна Македонија.
Малцинствата се важни, не треба да се занемаруваат, туку да се прифатат во рамките на матичната држава. Сè друго е обична лага и предавство на националните интереси“, категоричен е Калоѓера во својата објава на Фејсбук.






