Професорката и пратеник во Собранието, Гордана Силјановска Давкова во гостувањето во ТВ21, во врска со денешната изјава на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ за промена на изборниот модел, истакна дека ваквата негова изјава е политички добар потег, затоа што е важен за парламентарната демократија, а СДСМ само декларативно има став за, ама во 2017-та не даде поддршка за промена на изборниот модел.
Политички добар потег е новата изјава на Христијан Мицкоски за промена на изборниот модел, во многу држави е дури и уставна материја и не случајно за да не може лесно да се менува, ние говориме за промената на изборниот модел секогаш пред избори, што е погрешно, ова е важно прашање кое помалите партии го сметаа за важно, да има една изборна единица, вели Силјановска Давкова.
Силјановска Давкова истакна дека треба експертите да кажат и со научни аргументи и да се дојде до заедничко решение затоа што бројот на пратениците од помалите партии е многу важен за парламентарната демократија, а тие партии и пред овие избори инсистираа на вакво решение.
Силјановска Давкова вели дека СДСМ само декларативно дале поддршка за вакво решение дури во 2017 година кога ова прашање се најде на дневен ред, од СДСМ немало поддршка за истото, вели пратеничката.
Според неа, големите партии генерално бегаат од една изборна единица.
Пратеничката потсети и дека само две држави во светот имаат една изборна единица, а исто така одговори дали е потребна техничка Влада 100 дена пред избори.
– Технички Влади има во повеќе држави, не личат на нашите Влади. Техничка Влада по дефиниција значи експертска влада, најчесто се тоа врвни бирократи ама бирократијата е неутрална, стручна и компетентна. Кај нас има некои изуми бидејќи ние сме „чудо“ кое што треба да престане еднаш, туку треба да станеме стандардни, тоа се луѓе кои треба независно, објективно според Уставот и законите да ги спроведат изборите. Глупостите од типот дополнителен министер со право на мето/вето и слично се пржински изум – вели Силјановска-Давкова.
Пратеничката истакна дека нема ништо против тоа да има премиер Албанец, но треба да се почитува законот.
– Не знам за што се договарале, јас сум легалист. Mора да го препрочитаат сите законот за Владата, таа измена и таму пишува дека 100 пред изборите кандидат за премиер предлага партијата од власта што има најмногу пратеници значи тоа да си го имаат во предвид, ако мислат повторно да прават некоја измена – додава Силјановска-Давкова.
Таа посочи дека има извонредни министри Албанци, како и пратеници, а особено пратенички.





