Ковачевски контра Заев: Промена на владините позиции или гаф за ,,Македонска”

Цели 6 дена никој не реагира на употребата на придавката македонска за ракометната репрезентација на Македонија која учествуваше на Европското првенство од страна на премиерот Ковачевски.



,,Денеска македонската ракометна репрезентација го игра првиот натпревар на Европското првенство.

Среќно момци, дајте се од себе и направете не горди со храбра, тимска и пожртвувана игра.

Заедно да се радуваме на победа!🇲🇰
#EhfEuro2022″, напиша Ковачевски пред ЕП.

Лани екс премиерот Заев најпрвин напиша честитка за македонската фудбалска репрезентација и веднаш потоа ја повлече честитката извинувајќи и се на Грција.

Во јуни на Скопскиот економски форум Заев призна дека направил грешка кога кажал „македонската фудбалска репрезентација“ бидејќи како што рече, тоа е во спротивност со Преспанскиот договор.

,,Секогаш праќам пријателски пораки, верувам во Преспанскиот договор, го направив заедно со пријателот Алексис Ципрас и јас сум првиот што го следи, некогаш се случува да направам грешка, имам 46 години се случува да го спомнам тоа во една реченица и да го повторам некогаш”, рече тогаш Заев.

Ваквиот став на премиерот тогаш дојде по острите грчки реакции дека поради неговиот твит нема да бидат ратификувани три меморандуми.

Сега грчката влада не реагира на употребата на Македонска од страна на Ковачевски.

Со пораката на Ковачевски се реотвара дилемата што сега со придавките изведени од „Македонија“?

Дали тоа значи дека сега може да се вратат и имињата на институциите кои од македонски станаа “”национални”.

По договорот од Преспа, Заев и Димитров уверуваа дека ги спасиле сите придавки со назнака македонски.

Тогаш беше издадено и упатство каде можат да се употребуваат без за тоа да имаме последици.