
Украина предупреди дека Русија „речиси завршила“ со концентрацијата на војници во близина на границата. Тие сили би можеле да се искористат за офанзива на Украина, зголемувајќи го стравот дека Москва би можела да започне инвазија во секој момент, пишува Си-Ен-Ен.
Според најновите разузнавачки проценки на украинското Министерство за одбрана – Русија сега има распоредено повеќе од 127.000 војници во регионот.
„Полната сила на копнените руски вооружени сили на украинската рута е над 106.000 војници. Заедно со поморската и воздушната компонента, вкупниот број на руски воен персонал е над 127.000 војници“, се наведува во проценката.
Сегашната ситуација се нарекува „тешка“ и се наведува дека Украина смета дека Русија „се обидува да ги подели и ослаби Европската унија и НАТО“, пренесува Си-Ен-Ен.
Акциите на Русија исто така се „со цел ограничување на можностите на САД“, „да се обезбеди безбедност на европскиот континент“, се наведува во оценката,
Проценката доаѓа откако трите рунди дипломатски разговори меѓу Русија и Западот, чија цел беше деескалација на кризата, не доведоа до решение.
Американскиот заменик државен секретар Венди Шерман изјави дека не е јасно дали Москва има намера да ги искористи разговорите како изговор за да тврди дека дипломатијата не може да функционира .
Украинската воена разузнавачка служба соопшти дека Русија распоредила војници од нејзините централни и источни региони до западната граница „на трајна основа“.
Кон крајот на декември и јануари, Русија префрли „залихи со муниција, теренски болници и безбедносни служби“ на границата, се вели во соопштението, што „ги потврдува подготовките за офанзивни операции“ против Украина.
Новата проценка, исто така, вели дека Русија поддржува повеќе од 35.000 бунтовници во источна Украина и има околу 3.000 нејзини воени лица на бунтовничката територија. Москва негира дека има воени сили во Украина.
Разузнавачката активност на Русија против Украина исто така е засилена, според проценката, со дополнителни единици за радио и сателитски сообраќај распоредени во близина на украинската граница, а извидувачките летови долж границата се тројно зголемени од минатата недела.
Украинската армија соопшти дека Русија може да користи ракети со среден дострел за „уништување на витални објекти“, истакнувајќи дека „дополнителни тактички групи оперативно-тактички ракети од Исканда се префрлени на границата“.
Украински документ предупредува дека сега во функција е ставена нова потенцијална линија на фронт која се протега долж нејзината северна граница со Белорусија, која е клучен сојузник на Кремљ.
„Територијата на Белорусија треба да се смета за полноправен простор на операции што Русија може да го искористи за да ја прошири агресијата против Украина“, се наведува во документот на украинската воена разузнавачка служба.
Претставници на американскиот Стејт департмент во вторникот ја истакнаа загриженоста, велејќи дека зголеменото присуство на руски војници во Белорусија ги зголемило нивните оперативни способности долж границата со Украина.
„Видовме предупредувачки знаци дека динамиката внатре во Белорусија ѝ дозволува на Русија да продолжи да ја напаѓа ранливоста на Лукашенко, што тој самиот си ја создаде“, изјави неименуван американски функционер.
„Плановите на руската војска да започне активности неколку недели пред воената инвазија се нешто што внимателно го следевме, а нашата проценка беше дека тоа може да се случи во секое време помеѓу средината на јануари и средината на февруари“, објасни висок претставник на Стејт департментот. .
Соединетите Држави внимателно следат дали Лукашенко сè уште има моќ во неговата земја – или дали одлучувањето во голема мерка се префрли на Русија.
Белорусија стана „дестабилизирачки актер во регионот“, оцени првиот претставник на Стејт департментот, посочувајќи на низата неодамнешни дејства како што се предизвикување мигрантска криза на полско-белоруската граница, апсење активисти и задржување на повеќе од 900 политички затвореници.
Петро Порошенко
Разунавачките проценки на Украина доаѓа во време кога поранешниот претседател на земјата Петро Порошенко за Си-Ен-Ен изјави дека „целиот свет треба да биде обединет против Путин“, и дека на Украина треба да и се дозволи да влезе во НАТО.
Милијардерот од позиција претседател ја водеше Украина од 2014 до 2019 година, преземајќи ја власта веднаш откако Русија го нападна и го анектираше Крим и го отцепи од Украина. Порошенко на претседателските избори беше поразен од актуелниот претседател Владимир Зеленски.
„Апсолутно е неопходно да има меѓународна солидарност и единство против Путин“, рече Порошенко, додавајќи дека западните држави не треба да му веруваат на рускиот лидер. Тој повика и на зголемување на меѓународните санкции против Русија.
Тој ја нарече идејата за потенцијална инвазија на Украина „луда одлука“. сметајќи дека меѓународната заедница треба да ја зголеми цената што Путин ќе треба да ја плати доколку руските сили ја преминат украинската граница.




