Стефан Дечев, експерт за современа бугарска историја и историографија, во напис за тамошниот портал и спасание „Клуб З“ се пресметува со „бугарските клишеа за Македонија и Македонците“.
„Македонската нација е творба на Коминтерната – Иако крајно изолирани, случаи на етничко македонско чувство има уште кон крајот на 19. и во почетокот на 20. век. Такви сè повеќе почнуваат да се појавуваат во средината и во втората половина на 20. век. Тие се вклучени и во збирката ‘Македонија – документи и материјали’ објавена од Бугарската академија на науките кон крајот на 1970-тите.
Македонците се творба на Тито – Не, Македонска нација би имало и без него. Точно е само дека тој врши политички притисок врз конкретното дефинирање на македонскиот идентитет. Тоа се одвива во југословенска смисла и лојална на Белград, што повлекува по себе изразен антибугаризам, кој е во срцето на оваа дефиниција.
Македонскиот јазик е бугарски на српска машина за пишување – Не, првичната машина на која е донесена одлука народниот јазик да стане официјален јазик во идната република е бугарската. Точно е дека конечната македонска азбука е резултат на политичка интервенција на Белград. Но, дури и првата верзија на македонската азбука од декември 1944 година, во која ја има и буквата Ъ, сепак е нешто трето, различно како од српската, така и од бугарската кирилица.
Македонскиот јазик е од 1944-45 година – Кодификацијата на македонскиот јазик не е почеток на неговото користење. Меѓу јазикот од 1944-45 година и тој користен во текот на 1903 година од Крсте Петков Мисирков во неговата книга ‘За македонцките работи’ издадена во Софија постои видлив континуитет. И во едниот, и во другиот случај се се користат централномакедонските говори – велешки, прилепски и битолски. Локалните говори се користат за создавање литература од интелигенцијата уште од 1930-тите во кралска Југославија. Истите локални говори се користат и од македонските партизани во нивната кореспонденција и пропаганда. Уште повеќе, кога сè уште го контролираат Радио Скопје и самите нацисти емитуваат програма на сè уште некодификуваниот македонски јазик.
Македонската историографија е полна само со лаги – Не е сосем точно. На пример, покојниот македонски историчар Иван Катарџиев отворено зборуваше за ‘времето на созревање’ на македонското национално чувство меѓу Првата и Втората светска војна. Тоа индиректно сведочи дека работите биле поинакви до крајот на Првата светска војна. Во контекст на Првата светска војна, еден од членовите на македонскиот дел од историската комисија го употреби терминот ‘македонски народ’ во наводници, што јасно укажува на тоа дека чувството за посебност меѓу Македонците сè уште не е доволно искристализирано. Тој зборува и за перцепцијата на бугарската војска како ослободителна кај голем дел од тогашното население (!). Повторно, покојниот Иван Катарџиев зборува за употреба и на одредено насилство во ‘хомогенизацијата на македонскиот идентитет’ во периодот 1946-1964 година, нешто што, иако деликатно кажано, поддржува некои од тврдењата на Софија.
Македонскиот идентитет е наметнат со насилство и со убиства – Всушност, до крајот на Втората светска војна имаше три главни македонски тенденции. Некои Македонци се залагаат за вистинска независна Македонија, следејќи ја автономистичката традиција и заветите на историската ВМОРО. Вториот тренд дефинитивно е премногу посветен на Белград и на Јосип Броз Тито. Има и една трета, бугарска, која откако во меѓувоениот период во 1920-тите и 1930-тите почна да се тенчи, по летото 1944 година почна да станува сè помаргинализирана. Во немал степен компромитирана од исходот на војната, таа дејствува во сојуз со втората македонска, која е против Белград и за вистинска независна Македонија.
За време на македонското ‘Крваво коледе’ се убиени илјадници македонски Бугари – Убиените и репресираните на Коледе се македонски националисти кои не сакаат да одат на Сремскиот фронт на север, туку на југ кон Солун, за да ја ослободат Егејска Македонија. Убиствата на македонските Бугари, без судење или пресуда, се случија во средината на јануари 1945 година. Меѓутоа, бројот на жртвите овде е непотребно преувеличен. Убиства на македонски Бугари, вклучително и по монтираните судски процеси, резултат од стремежот за расчистување со политичките противници, има и подоцна.
Во РС Македонија има 120.000 македонски Бугари – Ништо такво. Тие реално се многу помалку денес. Сите знаат дека огромен број носители на пасоши тоа го прават од економски причини.
Мултиперспективниот пристап во учебниците по историја е воведување лаги – Не, тоа е едно од барањата на УНЕСКО и на Советот на Европа во поглед на современото учење на историското знаење. Во исто време, тоа е придружено со барањето учебниците по историја да го следат последниот збор во науката и да нема ‘произволно толкување на фактите’. Во оваа смисла, малку од Декларацијата на бугарскиот парламент од 2019 година, како и од македонскиот од 2021 година, можат да им завршат работата на историчарите“, објаснува професорот на Југозападниот универзитет во Благоевград и на Софискиот универзитет, а бил и визитинг професор на Универзитетот Комплутенсе во Мадрид и на Универзитетот во Грац.






