„Грција и на Бугарија флагрантно ги прекршуваат цивилизациските вредности на универзалното човеково право за нашето самоопределување и себеименување, негирајќи го постоењето на македонскиот национален идентитет како реалност, што има докажани автентични историски корени. Ја регистрира ли воопшто меѓународното право инкриминираноста на изјавите од позиција на највисоки државни раководители од страна на Грција и на Бугарија?!“ – вели Јасминка Павловска во својата колумна со наслов „Соседите никако да се помират со постоењето на Македонците“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Павловска пишува: „Неодамна грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во грчките медиуми ги реафирмира своите причини за несогласување со Преспанскиот договор од времето кога беше опозиционер, појаснувајќи дека неговата критика за договорот не се однесувала на (новото) име на Македонија, туку ‘за македонскиот јазик и за македонската етничка припадност’!? Тој во интервју за грчката телевизија Антена изјави дека и понатаму продолжува да верува дека тоа е ‘голема грешка што не може да се излекува’, но ‘сега Грција се стреми кон добри односи’ со Македонија.“
„Изјавите на политичките лидери од Грција и од Бугарија, за историчарот Митко Панов не се неочекувани. Панов констатира дека тие секогаш се раководат од реализирање на нивните денационализаторски агенди во контекст на Македонија: ‘Самата изјава на грчкиот премиер Мицотакис дека му пречи што во Преспанскиот договор се забележани „македонскиот народ и македонскиот јазик“ укажува дека тој е во суштина во согласност со националните интереси на Грција. Не случајно и Софија инсистира на ревизија на македонската национална историја со Договорот, како клучно за надминување на историски замислениот спор. Софија преку пакетот 5+1 инсистира на формулацијата дека ‘Република северна Македонија’ мора да признае дека ‘нема историски, етнички и други основи да бара малцински статус за која било група луѓе, што не се нејзини граѓани на територијата на Република Бугарија’. Тоа ќе значи прифаќање дека во историска смисла етнички Македонци никогаш не постоеле на територијата на Пиринска Македонија, односно дека отсекогаш биле етнички Бугари.’
„Со инсистирањето на историското дефинирање и на новото државно име, со што Скопје официјално ќе прифати дека тоа се однесува ‘исклучиво на политичкиот субјект Република северна Македонија, а не на географскиот регион северна Македонија, дел од кој се наоѓа и во границите на Бугарија’, Бугарија автоматски ќе издејствува признание дека во историјата воопшто и не постоеле етнички Македонци на територијата на Македонија. Со тоа, Бугарија политички и историски ќе ги верификува своите тези дека Македонците и македонскиот народ биле измислени со вештачкото креирање на македонската нација од Тито, и тоа преку насилната етничка конверзија на дотогашните Бугари во идеолошки ‘измислени’ Македонци. Тоа е и позиција на Грција, а во што се состои и комплементарноста на нивните стратегиски цели за ставање крај на македонското прашање, преку реализацијата на договорите преку кои треба да издејствува политичко самопризнание од Република Македонија за историското непостоење на македонскиот народ и на македонската нација.’ – анализира универзитетскиот професор Митко Панов од македонскиот Институт за национална историја.“ – истакнува Јасминка Павловска во својата колумна.
Интернет – врска до целата колумна:
https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/sosedite-nikako-da-se-pomirat-so-postoenjeto-na-makedoncite/ “
Home Македонија Павловска: Грција и Бугарија го прекршуваат правото за самоопределување, негирајќи ја реалноста...





