На Новак Ѓоковиќ може да му биде забрането да игра на Отвореното првенство на Франција, како што сега стојат работите, откако Министерството за спорт денеска соопшти дека нема да има изземање од новиот француски закон за усвојување вакцини.



Тој ќе може да учествува на Ролан Гарос само доколку се вакцинира против Ковид-19. Ова го соопштија извори од француската влада, пренесе Ројтерс.

На почетокот на овој месец, француската министерка за спорт Роксана Марасинеану објави дека Ѓоковиќ ќе може да ја одбрани титулата на Отвореното првенство на Франција, дури и ако не е вакциниран.

Сега, сепак, ставот на владата е променет и вакцинацијата ќе биде предуслов за учество на Грен слем турнирот.

Ролан Гарос 2022 година ќе се одржи од 22 мај до 5 јуни. Ѓоковиќ ја освои титулата пред една година.

Ѓоковиќ денеска се врати од Австралија каде му беше забранет влез во земјат и со тоа и учество на „Австралија опен“ бидејќи не бил вакциниран.