По изјавата на бугарскиот премиер Кирил Петков, кој во пресрет на утрешната посета на Македонија негираше постоење на македонско малцинство во Бугарија, денеска новиот министер за евроинтеграции со „помирлив“ став:



„Не е на Северна Македонија да кажува каде и какво малцинство има во некоја држава во регионот. Тоа е внатрешно прашање на сите држави вклучувајќи ја и Бугарија“, изјави Бојан Маричиќ.

„Секоја група на луѓе или етничка заедница или политичка партија или здружение имаат право да си ги барата своите правата преку Советот на Европа, Европскиот суд за човекови права и преку Европската конвенција за заштита на човековите права. Во таа смисла изјаснувањето и дефинирањето на тоа каква етничка заедница егзистира во било која држава во регионот во овој момент не би било продуктивно. Ние се водиме од европските принципи и практики и така ќе остане. Тоа е наша уставна обврска“, рече Маричиќ на прес-конференцијата со германската министерка за Европа Лирман.

Бугарскиот премиер, Кирил Петков, кој утре доаѓа во земјава, во интервју за БТВ рече дека ниту тој ниту други претставници на владата не разговарале со претставници на амбасадата на САД во Бугарија за признавање на македонско малцинство во земјата. На ваквото прашање на новинарката тој одговори – „Никогаш.“

„Нема такво малцинство и за такво малцинство не може да се зборува“, рече Петков.