Бугарскиот премиер кој во вторник се очекува да допатува во официјална посета на Македонија и да има средба со Димитар Ковечевски вели дека со себе не носи никаков анекс на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка,
„Не, не. Доаѓам со конструктивен тон и подготвеност да почнеме да работиме заедно. Немам подготвен документ или нешто, бидејќи сите тие документи немаат поента, ако не им дадеме вистинска мотивација дека мора да ја завршиме работата, изјаву бугарскиот премиер Кирил Петков во интервју за МИА:
„Јас предлагам документите да ги оставиме како втор чекор, а прво да почнеме, за да има нешто за што ќе пишуваме во следниот документ. Инаку, опасноста е дека ние ќе напишеме документ и после што од тоа. Тука, задачата е да направиме програма, да ги направиме работните групи, да започнеме со дијалог, да имаме чувство на меѓусебна доверба и дека од двете страни има добри намери и да си ги поставиме целите, кои што сакаме да ги постигнеме за максимално краток период“ вели бугарскиот премиер.
Вели дека имал мошне конструктивен телефонскиот разговор, што го имал со мандатарот Димитар Ковечевки и изрази уверување дека тие двајцата како луѓе од економската и бизнис сферата имаат слична енергија за да ги придвижат работите, изрази надеж дека за време на посетата ќе се договорат околу формирањето на петте работни групи – за економија, култура, инфраструктура, евроинтеграција и историја.
Соработката и добрососедството вели Петков, треба да ги зајакнат интересните групи во одредена сфера, а не политичарите.
Целта на посетата, додава тој, е да се направи програма за средбите на тие работни групи, кои би се состанувале секоја од нив еднаш месечно, со што би се остварил напредок по сите прашања.
„Не сакам само политичарите да доаѓаат и да говорат, кога говорам за економија сакам да ги видиме сите наши фирми кои сакаат и имаат интерес за Република с. Македонија, сите фирми од вашата земја, кои имаат интерес за Бугарија.
На таа средба политичарите не се потребни, на таа средба се потребни луѓе, кои сакаат да работат, да прават бизнис заедно“, додава Петков, кој напоменува дека тој лично како премиер не може да разбере како се уште меѓу Скопје и Софија нема директна авионска линија.
Петков говореше и за седницата на бугарскиот Совет за безбедност, која беше свикана специјално на тема Северна Македонија и за тоа дека се создава впечаток дека соседната земја на Бугарија е најголемиот проблем за безбедност во време на пандемија, енергетска криза, влошени руско-украински односи…
Тој во интервјуто за МИА се осврна и на роковите, на претходно од него поставениот рок од шест месеци за решавање на спорот, а сега по Констултативниот совет за безбедност за ставот кој го изнесе бугарскиот претседател Румен Радев дека рокови не се потребни, туку потребни се реални резултати.






