Ѓоковиќ го губи судскиот спор, јави австралискиот The Age.



Тој се соочува со депортација откако тројца судии на Федералниот суд пресудиле во корист на одлуката на владата да му ја укине визата.

Од него ќе се бара да ја напушти Австралија. Пресудата беше едногласна.

Ѓоковиќ нема право на жалба на оваа одлука на судот. Одлуката беше едногласна и на Ѓоковиќ му беше наложено да ги плати правните трошоци на владата.

Судењето пред Федералниот суд на Австралија го водеше врховниот судија Џејмс Алсоп, а во судискиот совет беа и Ентони Бесанко и Дејвид О’Калахан.

Адвокатскиот тим на српскиот тенисер, предводен од Николас Вуд, истакна дека нема докази кои ги поткрепуваат тврдењата дека присуството на првиот тенисер во светот поттикнува „антивакцинација“ и дека конечното укинување на визата всушност би имало такво влијание.

Адвокатот изјави дека Ѓоковиќ од почетокот на пандемијата играл многу тениски турнири каде имал голем успех на нив и дека не е забележан ниту еден случај на „лобирање против вакцинација“ во врска со тие тениски натпреварувања.

Адвокатскиот тим на првиот светски тенисер побара, доколку жалбата биде прифатена, Ѓоковиќ веднаш да биде ослободен.

Правниот застапник на австралиската Влада, Стивен Лојд потсети на фактот дека првиот рекет во светот сè уште не е вакциниран. Тој исто така изјави дека Ѓоковиќ претходно ги игнорирал мерките за заштита од ширење на корона вирусот.

Тој посочи дека министерот Хок бил свесен за последиците што можело да ги предизвика укинувањето на визата на Ѓоковиќ, во секоја смисла, вклучително и поттикнување на „антивакцинација“. Лојд истакна дека, со право или не, Ѓоковиќ во Австралија го доживуваат како некој кој е против вакцинацијата и станал „икона против вакцините“.