„Осумката“ на „Командантот во војна – Претседателот во мир’ што пензионира македонски премиери“

„Пред неколку дена за својот 63 – ти роденден лидерот на ДУИ Али Ахмети доби торта во облик на бројот 8. Лидерот на ДУИ Али Ахмети е неодбежен партнер на секој премиер на Владата. “ – објави информативната агенција на албански јазик ИНА, пренесувајќи ја статијата на инфопорталот „Фокус“ со наслов „Ковачевски ќе биде осмиот премиер поддржан од Али Ахмети’.

ИНА пренесува: „Бранко Црвенковски беше ПРВИОТ премиер кој дојде на власта со поддршката на ДУИ и Али Ахмети. Хари Костов беше ВТОРИОТ, а Владо Бучковски беше ТРЕТИОТ премиер. Во два наврати, пред изборот на Костов и пред изборот на Бучковски, во траење од по неколку недели, Радмила Шекеринска по службена должност како заменик – премиер беше вршител на должноста премиер но никогаш не беше изгласана во Собранието како премиер. Никола Груевски стана ЧЕТВРТИОТ премиер кој бил во сојуз со Али Ахмети.“



„Емил Димитриев беше избран како ПЕТТИ, а Зоран Заев како ШЕСТИ премиер со поддршка од Ахмети и од пратениците на ДУИ. Оливер Спасовски беше СЕДМИОТ, а кога ќе биде избран Димитар Ковачевски ќе стане ОСМИОТ премиер, кој ја стекнал таа функција благодарејќи на ДУИ и Али Ахмети.“

„Токму затоа, многу интересно изгледа единствената роденденска торта во облик на бројот ОСУМ која пред неколку дена ја доби на подарок Али Ахмети од своите сопартијци. Наводно, тоа било во чест на ‘Коридорот 8’. Но, но кој знае, можеби таа бројка има и друго значење?“

Инаку, на почетокот на ланскиот ноември во својата вест со наслов „Али Ахмети ‘пензионира’многу премиери“ ИНА имаше напишано: „На општествените мрежи бргу се рашири фотографија, во која на средината се наоѓа Али Ахмети, додека на помали фотографии од страните, пречкртани со ‘X’ се поранешните премиери, кои беа на сцената во текот на изминатите 20 години. Меѓу пречкртаните фотографии се наоѓа и онаа на Заев, кој даде оставка на позицијата премиер.“

Оние кои ги броеле „пензионираните премиери“ веројатно имале погрешено во својата „интегративна математика“.

Напоредно со оваа агенциска вест, на фејсбук – профилот „Командант во војна & Претседател во мир = АЛИ АХМЕТИ“, од каде беше преземена таа фотографија, се помести и една објава, во која зборот „премиери“ е ставен во наводници и е додадено: „Премиерите доаѓаат и си заминуваат. Лидерот на ДУИ Али Ахмети останува главен центар и непоразена фигура во с. Македонија“.