Холандскиот експерт за Западен Балкан, Ханс ван ден Берг, реагира под објавата на Твитер од министерот за надворешни работи Бујар Османи за 30-годишнината од признавањето на Македонија од Бугарија, нарекувајќи ја „30 години пријателство“, и покрај ветото за почеток на преговори за членство во Европската унија.
„Бугарија беше нестрплива да види како Македонија се одвојува од федеративна Југославија/доминацијата на Србија. Овие денови е помалку желна да ја види Македонија како се приклучува на колективот на Европската унија, врз основа на меѓусебно почитување, еднаквост, реципроцитет и заедничка иднина, наместо бескрајна дебата за заедничко/споделено минато. Тажно“, коментира Ван ден Берг под твитот на Османи: „На денешен ден, пред 30 години, Бугарија беше првата земја што ја призна независноста на тогашна Република Македонија. Искрено посветени на градењето цврсто македонско-бугарско партнерство, следејќи ги Договорот за пријателство и нашата заедничка иднина во ЕУ“.
Како илустрација на својот пост, Османи користи македонско и бугарско знаме, со придружниот текст: „15 јануари 1992. Славење 30 години пријателство“.






