Биографиите на некои министри личат на флаери

Европскиот центар за политики вели новата политичка криза тлее во Македонија по оставка на премиерот и огромна победа на опозицијата – рече пратеничката Гордана Силјановска Давкова на собраниската дебата за составот на Новата Влада.



„Тоа предизвикува инхерентни ризици и тоа ја намалува посветеноста на ЕУ процесот, судството не е на ниво, корупцијата царува, пандемијата ја влошува состојбата, на економски и социјален план нема резултати“, вели Силјановска.

Според неа легитимитетот на Ковачевски е всушност врзан неразделно од некој кој до вчера бил патрон, султан, објаснувајќи „мислам на најголемиот носител на моќта, мислам на премиерот, а не го спомнавте, а ве преферираше и одевте со него за да се манифестира блискост“.

Говорејќи за персоналните решенија Силјановска рече „ако си оди Димитров бидејќи нема датум за ЕУ, со него треба да замине и Османи зошто датумот како да остана во црната кутија во авионот во кој очигледно немаше пилот“.

„Се говори за владеење на правото. Дали колегата Тупанчевски ќе се дистанцира од оној договор дека независни експерти ќе извршат меѓународен мониторниг на процеси за кои постојат сомневања политички дека врз нив било вршено политичко влијание како Монструм, Диво насеље. Тие може да се ревидираат само ако се најдат во Стразбур пред Судот за човекови права ова е директно мешање во судската власт“, заклучи Силјановска укажувајќи дека „оваа Влада во самото настанување е нелегитимна и има биографии кои личат на флаери“.