Зеколи: Албанците треба да ги почитуваат македонското идентитетско-јазично постоење, но и бугарските аргументи за историјата, антибугарската кампања и прогоните

„Сега македонската страна повторно бара Албанците да бидат солидарни со нејзините позиции и во спорот со Бугарија, исто како во случајот со Грција, но правилната позиција на Албанците не може да биде едногласно солидарна. Албанците треба да заземат и да применат став на коректност и позитивна неутралност, ослободена од предрасуди, пристрасност и навивање за која било страна. Албанците се должни да ја почитуваат реалноста на македонското идентитетско-јазично постоење, но и не можат ѓутуре да ги отфрлат бугарските аргументи за нивните прогонувања во одредени историски периоди, за потеклото на историските личности, кои отворено го признале и го истакнале своето бугарско етничко потекло, предизвиците низ кои минувал бугарскиот етникум во периодот по 1945 година и вулгарно-агресивната кампања осмислена против Бугарија и Бугарите.“ – вели поранешниот амбасадор и сегашен политички аналитичар Арсим Зеколи во својата колумна со наслов „Позиционирањето на Албанците во македонско – бугарскиот спор“, која ја објави информативната агенција на албански јазик ИНА.



Зеколи пишува: „Една од тезите често повторувани и нагласувани од македонската страна во контекст на спорот со Бугарија се поврзува со барањето за солидарност на Албанците со македонските сограѓани. Албанските претставници во повеќето случаи претпочитаат да одговорат со потврдување на подготвеноста за солидаризирање, наведувајќи го како пример претходниот спор со Грција и нагласувајќи дека Албанците не негираат – денес и историски – ниту еден аспект на идентитетот, името (именувањето), јазикот и на македонската припадност. Во случајот со Референдумот во 2018 година некои албански претставници нагласуваа дека албанскиот глас во полза на прифаќање на Преспанскиот договор има поврзаност само со аспектот на условувањето во врска со зачленувањето во ЕУ и НАТО, но никако на штета на прашањето на именувањето на државата, како што стои во прашалникот за Референдумот.“

„Македонската страна сега повторно бара Албанците да бидат солидарни со нејзините позиции исто како во случајот со Грција.  Сепак, постојат одредени квалитативни разлики во споредувањето на двете прашања, кои треба да бидат земани предвид и да бидат третирани со деликатност и со зрелост. Прво, прашањето за името, односно договорот со Грција, иако е претставено исклучиво како прашање што ги засега Македонците, сепак длабоко ја опфати и албанската страна, која заради повисоки интереси (зачленувањата), а не директно да го загрозува националниот идентитет, прифати да ја игра улогата на ‘втора виолина’. Во овој поглед, не треба да се заборави дека сопственоста врз употребата на поимот Македонија во однос на антиката ги засега Албанците не помалку од самите Грци, простете ми, антиката и автохтоноста на просторите на територијата именувана како Македонија. Благодарение на овие историски и географски факти, Албанците тогаш не беа обврзани, како што не се обврзани и денес, да го прифатат новото именување како Северна Македонија. Албанците никогаш не го присвоија името на Македонија, никогаш не манипулираа со него, ниту го злоупотребија преку историските, идентитетските и јазичните исклучивости.“

„За разлика од случајот со Грција и доброволната солидарност (која не беше толку ценета од македонска страна), сегашните барања за солидаризирање со Македонците наспроти Бугарите се многу поделикатни, покомплицирани и се повеќедимензионални. Во овој контекст Албанците во никој случај не треба да си дозволат да заземаат каква било позиција на „морален и судски авторитет’, што би била само банална ароганција, или да дејствуваат како ‘благороден посредник’, а камоли како балансирачки изведувач, бидејќи ниту Македонците ниту Бугарите не паднале од небо, па да им требаат такви услуги, колку и да би биле во позитивен и пријателски дух.“

„Правилната позиција на Албанците во овој контекст не може да биде едногласно солидарна, бидејќи таквиот став подразбира емоционална кратковидост на штета на фактите и аргументите од двете страни. Да се ​​биде исклучиво солидарен со Македонците значи да се отфрлат цврстите бугарски аргументи, исто како што исклучивата солидарност со бугарската страна се одразува, ги нарушува логичните аргументи на македонската страна. Поддршката и примената на која било димензија на равенката „пријател на пријателот, или непријател на пријателот, или пријател на непријателот’ е негирање на смислата на  солидарноста и како такви се неприфатливи за албанската страна, која мора да ги отфрли уште од почетокот. Независно од тоа колку ова може да им се допаѓа, или да не им се допаѓа на двете вмешани страни.“

„Албанците се должни да ја почитуваат реалноста на македонското идентитетско-јазично постоење, како продолжение на воспоставената политика и во согласност со основните постулати на албанскиот став за самоопределување, самоидентификација и слобода на изразување на идентитетот. Бугарската страна ќе мора да го прифати и да го почитува овој албански став. Истовремено, Албанците не можат ѓутуре да ги отфрлат бугарските аргументи за нивните прогонувања во одредени историски периоди, за потеклото на историските личности, кои отворено го признале и го истакнале своето бугарско етничко потекло, предизвиците низ кои минувал бугарскиот етникум во периодот по 1945 година, вулгарно-агресивната кампања осмислена против Бугарија и Бугарите и т.н. Македонската страна ќе мора да го прифати и да го почитува овој албански став, исто така.“

„Затоа, најадекватна дефиниција за ставот што Албанците треба да го прифатат и да го спроведат во македонско-бугарскиот спор е онаа за коректност и позитивна неутралност ослободена од предрасуди, пристрасност и навивање за која било страна. Коректноста ги обврзува албанските претставници да ја применуваат и да ја имаат на ум кон македонските граѓани, а не кон македонските политички и државни претставници. Исто така, коректноста ги обврзува албанските претставници да ја имаат предвид кога се поставува прашањето на прогонувањата на припадниците на бугарскиот народ и нивното дискриминирање во минатото и во сегашноста. Секое отстапување од овој основен принцип на коректност ја става пред предизвик позицијата на албанските претставници и претставува закана во смисла на непотребно влегување во вителот на сомнежи, паранои, заострувања и судири со оној од кого нема што да добиеме, но има што да загубиме.“

„Коректниот, позитивен неутрален став веројатно повторно нема да се смета како доволен за македонската страна, можеби и за бугарската страна. Но, сепак тоа е најнискиот деноминативен именител, кој не му се заканува никому, кој не навредува никого и не содржи никакви елементи на интрига, на супериорно дејствување, на манипулативен изведувач. Таквото позиционирање е најпредизвикувачко, но е едновремено и највредно и најпринципиелно.“ – заклучува Арсим Зеколи во својата колумна.