Синдикатот притиска, Битиќи ретерира засега за минималната плата

Фатмир Битиќи, вицепремиерот за економски прашања, во синоќешното гостување на Алсат ТВ рече дека од Владата се подготвени да одговорат, но за тоа треба согласност и од работодавачите, која засега ја нема, за зголемувањето на минималната плата на 18.000 денари. Сепак се уверени дека во рамки на социјалниот дијалог ќе се најде решение:



„На владата не ѝ е потребна дополнително аргументација од никого дали минималната плата треба да биде 18.000 денари. Таа ќе биде 18.000 денари во тој момент кога сите социјални партнери ќе се договорат, затоа што не треба да направите унилатерални чекори кога имате дијалог. Нема дијалог во кој што една страна едностарно вели ултимативно – или ќе го има или јас ќе излезам и ќе штрајкувам. Дијалогот не препознава еднострани чекори и затоа велам – 18.000 минимална плата или поголема ќе има многу бргу, кога ќе седнеме сите на една маса да зборуваме. За жал, политичките констелации, економската криза, енергетската криза не дозволија тоа да се случи во декември и се надевам од понеделник, со новата министерка и заедно со мене, ќе седнеме на економско-социјалниот совет и ќе ја расправаме состојбата. Дали ќе договориме од февруари, или март тоа ќе го решиме заедно“, изјави Битиќи.

Синдикатите пак ургентно бараат преку законско решение во Парламентот зголемување на минималецот кој сега изнесува само 15.000 денари.

„Минималната плата треба да биде 60% од просечната плата и спирално да растат сите останати плати. Тоа е многу важно да се случи. Но, за жал, пратениците сѐ уште не реагираат, а сѐ уште нема и средба на социјално-економскиот совет. Испративме писма и до лидерите на најголемите политички партии за да ги образложиме нашите аргументи, но нема ништо. Свесни сме за состојбата во која се наоѓа во државата, но очекуваме до крајот на месецот пратениците да се охрабрат и да го донесат решението. Ако имаме предвид дека сметките со најновите поскапувања ќе пристигнат на 5 февруари, а ако платите останат исти, можете да претпоставите колку граѓаните ќе бидат уште поосиромашени“, реагираат од Сојузот на синдикати.

Извор: Фактор.мк