Шест Литванци кои изгубија роднини за време на репресијата на Москва врз аспирациите за независност на балтичката држава, денеска поднесоа тужба против поранешниот советски лидер Михаил Горбачов, пренесе Moscow times
Групата поднесе тужба 31 година од нападот во јануари 1991 година, во кој загинаа 14 цивили, а повеќе од 700 беа повредени.
Во 2019 година, литванскиот суд осуди десетици функционери од советската ера за воени злосторства, но обвинителството на земјата одби да го истражи Михаил Горбачов, кој беше на власт во тоа време.
„Јасно е дека акциите на војската… не би биле можни без координација со Горбачов“, рече Робертас Повилаитис, кој го загуби својот татко. Тој инсистираше на тоа дека судењето за воени злосторства е „многу важно, но без да се земе предвид одговорноста на врховниот командант, правдата не е целосна“.
Нападот на 13 јануари 1991 година врз клучните институции, заштитени од десетици илјади мирни поборници на независноста, беше дел од неуспешните напори на Кремљ да ја врати Литванија на вистинскиот пат по нејзиното отцепување од Советскиот Сојуз во март 1990 година.
Литванија беше призната од Москва како независна држава во септември 1991 година. На повеќето од 67-те лица осудени за воени злосторства во Литванија за нападот им се судеше во отсуство, вклучувајќи го и поранешниот советски министер за одбрана Дмитриј Јазов, кој почина во 2020 година.
Односите меѓу Русија и Литванија, земја со 2,8 милиони жители, се нестабилни од независноста и особено откако балтичката држава се приклучи на Европската унија и НАТО во 2004 година.






