„Прашањето за полициските униформи на албански јазик продолжува да биде нерешено. Надлежните повторно ветуваат дека овој проблем ќе се реши.“ – пишува ТВ Клан Македонија во својата статија со наслов „Голем отпор кон албанскиот јазик во Министерството за внатрешни работи – униформите никако да бидат и на албански јазик, како што бара законот“.
На својот интернет портал ТВ Клан Македонија пишува: „Изминуваат три години од денот на изгласувањето на Законот за употреба на јазиците, а Министерството за внатрешни работи и натаму не ја исполнува обврската што произлегува од овој закон и униформите да бидат на албански јазик. Уште во февруари 2020 година тогашниот заменик министер за внатрешни работи Нухиу најави дека во краток временски рок законот ќе се спроведе. Нухиу тогаш не даде конкретен рок, а од одговорноста избега и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.“
„Во јануари лани Бујар Османи изјави дека институциите се во период на приспособување на правните акти со новиот Закон за употреба на јазиците и предупреди на казнените мерки од страна на инспекторатот, ако не се почитува законот. Инспекторатот нема изречено за МВР.“
„Денес, три години подоцна, дадено е уште едно ветување дека ова прашање ќе биде отворено во наредните недели. Тоа го изјави овојпат првиот потпретседател на Владата Артан Груби: ‘Разговарав за ова прашање со министерот за внатрешни работи и тој ме увери дека нема никаков проблем да се почитува Законот за употреба на јазиците. Почнавме со шумската полиција, таму униформите се веќе сменети и во северозападниот дел на Македонија сите полицајци имаат униформи на два јазика. Истото ќе се случи и со полициските униформи во општините каде што важи Законот за употреба на јазиците. Оценувам дека во наредните недели ќе го решиме ова прашање во Владата.“
„Проблемот со униформите во полицијата се појави во толкувањето на законот, поточно каде треба и каде не треба да се користи двојазичност. За решавање на ова прашање беше формирана работна група, но по неколку состаноци оваа работна група престана да функционира.“ – наведува ТВ Клан Македонија





