Пред неколку седмици, Радмила Шекеринска најави дека се повлекува од министерското место во одбрана и дека нема да учествува во новата влада на СДСМ што треба да биде избрана до крајот на оваа седмица. Деновиве таа изјави дека на своите сопартијци во новото раководство на СДСМ им ги пренела своите позиции во врска со нејзиниот наследник/наследничка на министерската функција, посочувајќи дека се работи за навистина чувствителен сектор, во кој не важат само домашните правила за одговорност, туку и правилата на НАТО.
Како што пишува порталот 360 степени, на нејзината најверојатна наследничка на челното место во МО, Славјанка Петрова, Шекеринска ѝ ја остави обврската за организирање на големата конференција за стратегиски комуникации на НАТО. На конференцијата која ќе се одржи наесен во Скопје, како што се најавува, ќе пристигнат околу 500 НАТО-експерти за стратегиски комуникации од сите земји членки, како и од околу 40 партнерски држави.
Владата во заминување, предводена од Зоран Заев, брои 20 члена меѓу кои четири се жени и ниту една од нив, според последните информации, не останува на функцијата, ниту во владиниот кабинет. На местата на Шекеринска во МО, Јагода Шахпаска во МТСП, Ирена Стефоска во култура, според последните најави, доаѓаат други социјалдемократки: Петровска, Јована Тренчевска и Бисера Костадиновска-Стојчевска. Позицијата министер за образование и наука, од која се повлече Мила Царовска, пак, се очекува да ја преземе досегашниот министер за информатичко општество и администрација Јетон Шакири од ДУИ. Од друга страна, поранешната пратеничка на СДСМ, Славица Грковска, се очекува да ја преземе вицепремиерската функција за борба против корупцијата, наместо Љупчо Николовски, кој се враќа во земјоделство, односно на позицијата на која до ноември минатата година беше Аријанит Хоџа од Беса, која излезе од Владата.
Со тоа, се очекува и во владата на Димитар Ковачевски да има четири министерки од СДСМ, додека Министерството за правда, најверојатно, ќе му припадне на непартиски кадар, односно на Никола Тупанчевски, долгогодишен професор на Правниот факултет на УКИМ во Скопје.
Сo Тупанчески како министер за правда завршува списокот на нови имиња во владините ресори што ги раководи СДСМ.
Во новата влада останува досегашниот министер за правда Бојан Маричиќ, но ротира на вицепремиерско место во Секретаријатот за европски прашања, односно на позицијата на Никола Димитров. Досегашните позиции во Владата, пак, се очекува да ги задржат досегашните министри за внатрешни работи и за транспорт и врски – Оливер Спасовски, кој неодамна се повлече од потпретседателското место во СДСМ и Благој Бочварски, кој порано исто така беше потпретседател на владејачката партија, а едно време беше и градоначалник на Штип. Реизбраниот потпретседател на СДСМ, Фатмир Битиќи, пак, останува вицепремиер за економија.
Кандидатите на Ковачевски за членови на неговата влада вечерва треба да ги потврди Централниот одбор на СДСМ, на седницата што е закажана за 20 часот.
Според најавите, по вечерашната седница на ЦО на СДСМ, Ковачевски уште утре би можел да ги достави до Собранието предлозите за нови министри и програмата за работа на неговиот кабинет. Како што се најавува, собраниската седница за избор на новата влада се планира да се одржи наредниот викенд, на 15 и на 16 јануари. Така, кабинетот на Ковачевски би ја презел должност в понеделник на 17 јануари, а веќе следниот ден би имал средба со новиот бугарски премиер Кирил Петков, кој доаѓа во Скопје.





