„Во поглед на спорот меѓу Скопје и Софија околу македонската историја и јазик, за кои Бугарија тврди дека се заеднички, кај значителен дел од албанската јавност симпатиите се на страната на Бугарија, оти таа се смета како противтежа на српското влијание во с.Македонија. Симпатиите на дел од албанската јавност се на бугарска страна и поради револтот насобиран низ годините, од времето кога македонските националисти расправаа дали сме ‘Шиптари’ или ‘Албанци’. Некои Албанци – креатори на јавното мислење оценуваат дека ова што сега Бугарија им го прави на Македонците е истото она што некогаш Македонците им го правеа на овдешните Албанци.“ – пишува во мислењето со наслов „Дали Македонците се народ создаден од УДБА? Што велат Бугарите, како одговараат Македонците?!“, кое го објави информативната агенција на албански јазик „Журнал“. Како автор на ова мислење е наведен извесен И.З., само со иницијали, а на крајот на текстот стои „Журнал“.
Во статијата пишува: „Во односите Скопје – Софија се води многу активна историска, но во последниве години и многу актуелна политичка расправа во врска со создавањето на македонскиот народ. Дури, во последните две – три години оваа расправа е дел од спорот меѓу двете соседни земји. Тоа го блокираше евроинтегративниот процес на с.Македонија (заедно со Албанија), за кој постоеше надеж дека е одблокиран конечно со решението на спорот со Грција за прашањето на името. Преговорите меѓу с.Македонија и Бугарија во областа на историјата, на полето на заедничката историја и јазик сега се во фаза на рекомпонирање и изнаоѓање поинаков начин за надминување на разликите во ставовите.Во наредниот период е најавено создавање нови комисии, во кои ќе се преговара за економските и културните односи, како и за почеток на преговорите, кои ќе се одвиваат во насока на подобрување на инфраструктурата, што ги поврзува двете земји.“
„Меѓутоа, проблемите што произлегуваат од различното толкување на историските факти ќе продолжат да се решаваат во заедничката комисија за историја. Таму работите се одвиваат забавено и ставовите на историчарите од двете земји се далеку од компромис. Проблем претставуваат екстремните позиции создадени од двете страни во времето на тоталитарните комунистички режими. Не мал број бугарски историчари велат дека Македонците се народ создаден од Србија, од Југославија, од Јосип Броз Тито, од Коминтерната, но и од УДБА. Според нив, денешните Македонци се Бугари асимилирани од српската пропаганда, за да ја ослабат бугарската нација. Од денешна перспектива, Софија го признава правото на Македонците да се изјаснуваат како што сакаат, но инсистира да се признае дека барем до 1944 година двата народа имале заедничка историја и јазик.“
„Македонските историчари имаат поинаков став. Тие го отфрлаат ставот на бугарските историчари, кои велат дека ‘во раните фази на комунизмот голем број Бугари во Македонија биле асимилирани’. Дури, некои македонски историчари, како Ѓорѓи Чепреганов, одговараат на начин, којшто ги провоцира најмногу Бугарите, велејќи дека, всушност, за време на Втората светска војна ‘бугарско-фашистичката окупаторска војска и администрација’ спроведувала асимилирање и денационализирање на Македонците, менувајќи им ги насилно имињата и презимињата. Mакедонските историчари ги побиваат и тврдењата на бугарските историчари дека Македонците се народ создаден од УДБА, одговарајќи дека југословенските тајни служби ОЗНА и УДБА, всушност, работеле на уништување на македонскиот народ, а не на негово создавање.“
„Албанската јавност во Македонија не се занимава многу со ова прашање, за да не гибне во чувствата на македонските сограѓани, за кои е тоа многу чувствително. Но, не е тајна дека кај значителен дел од албанската јавност симпатиите се на страната на Бугарија, повеќе поради фактот што Бугарија се смета како противтежа на српското влијание во с.Македонија. Друга причина зошто симпатиите на дел од албанската јавност се на бугарска страна е и револтот насобиран низ годините, од времето кога македонските националисти расправаа дали сме ‘Шиптари’ или ‘Албанци’, кога македонските медиуми ја употребуваа фразата ‘албански национализам и сепаратизам’ повеќе и од српските медиуми. Или, од времето кога за Универзитетот во Тетово е употребуваше фразата ‘така наречениот Тетовски универзитет“.
„Од историски аспект, овој дел на албанската јавност смета дека со инсистирањето на Бугарија Гоце Делчев, Даме Груев, Никола Карев ,… да бидат прифатени исклучиво како бугарски историски личности Македонците ‘плаќаат’ за тврдењата дека Скендербег и Мајка Тереза се Македонци. Поради оваа причина, има Албанци – креатори на јавното мислење, кои оценуваат дека ова што сега Бугарија им го прави на Македонците е истото она што некогаш Македонците им го правеа на овдешните Албанци.“
„Вистината често има две страни, како и медалот. Истото може да се каже и за актуелните случувања, а камоли за историските настани. Во овие моменти најдобриот пристап е иднината да се гради повеќе врз сегашноста отколку врз минатото. Секако, минатото треба да се дефинира и да се почитува, но не треба да биде пречка за иднината.“ – се заклучува во оваа статија.





