Казахстан полека се смирува – Македонците во земјата се безбедни

Ситуацијата во Казахастан по седумдневните насилни нереди се нормализира, а нашите државјани кои се наоѓаат во оваа земја се безбедни. Во македонската амбасада во Нур-Султан засега се обратиле само двајца наши сограѓани поради ситни потреби, на чие барање е веднаш одговорено, но ниту еден од нив не е во загрозена состојба, соопштија од МНР. Додаваат дека ситуацијата се следи, а препораките да не се патува од Македонија во Казахстан, остануваат.



Во земјата се уште трае вонредната ситуација. Во регионот Алмати се поставени антитерористички штабови, преземена е контролата врз сите државни институции, а жителите се повикани да останат во своите домови, се додека на улиците не се гарантира нивната безбедност. За 26-те загинати во немирите- 10 јануари е прогласен ден на жалост. Казахстанскиот претседател стои на ставот дека насилните протести ги поттикнале терористи, кои според него, убивале, палеле, краделе и силувале. Нема разговори со терористи, затоа мораме да ги убиеме, ја оправда Токаев својата одлука да се пука без предупредување.

– Гангестерите и терористите се многу добро обучени, организирани и под команда на специјален центар. Некои од нив не зборуваат казашки јазик. Имаше најмалку шест бранови на напади од терористи во Алмати, вкупно беа 20.000, напиша Токаев на Твитер.

Поради сомнеж за велепредавство уапсен е и поранешниот шеф на националниот безбедносен комитет и уште неколку негови соработници. Во меѓувреме, во земјата пристигнаа нови руски трупи, на барање на Токаев. Но, на тлото на Казахстан од вчера се наоѓаат и други мировни трупи, кои пристигнаа со 70 авиони. Ова дополнително ги загрижува Американците. За државниот секретар Ентони Блинкен, Казахстан е држава која може и сама да се справи со овие нереди, па нејасно е барањето да се викне на помош Русија.

Протестите во земјата почнаа најмногу поради двојно зголемените цени на горивото, кои потоа доведоа до поскапување на храната, за нацијата каде минималната плата е неполни сто евра.