Рама: Албанците се државотворен народ во Македонија

Еди Рама застана во редот на застапниците на тезата дека Албанците не се малцинство, туку државотворен народ во Македонија, иако според последниот попис од 2002 година нивниот процент е 25,17 наспроти 64,17 отсто Македонци.



„Не мислам дека би довело до скандал ако австриската Влада би сакала да ги поддржи Австријците надвор од државата, а Албанците во Македонија не се малцинство, туку државотворен народ. Ако им помогнете, тогаш помагате Македонија да се консолидира“, рече албанскиот премиер во интервју за австриски „Дер Стандард“, одговарајќи на прашањето дали се смета себе си за заштитник на Албанците.

„Дури и ако тоа доведе до конфликт со македонската Влада? Имаше многу критики“, инсистира новинарот во продолжението од интервјуто, а одговорот на Рама е: „Немам конфликт со никого. Со Груевски бевме многу добри пријатели, а потоа тој ја нападна таканаречената Тиранска платформа. Иако, се разбира, знае дека тоа не е причината зошто не е повеќе во Владата“.

На констатацијата дека е лошо за секоја земја ако соседната ѝ се меша, посебно кога станува збор за односите меѓу државите на Балканот, шефот на албанската Влада со став: „Нашиот Устав јасно наведува дека албанската држава се грижи за сите Албанци во странство. Не им кажувам што да прават и не интервенирав во македонската изборна кампања. Но, ако побараат помош, нема да речам не. Секогаш ќе го правам тоа, што и да велат другите. Тоа е природно и не претставува мешање. За нас Македонија е во центарот. Секаква закана за интегритетот на Македонија е опасна за целиот регион“.