„И покрај сите притисоци однадвор, активирање на лостовите на притисокот и наградата, како што се нарекуваат ‘стапот и морковот’, покрај сите уценувачки методи, за да се реализираат внатрешните деградирачки и неуставни процеси, во македонскиот устав сѐ уште постои македонскиот народ, кој е носител на државноста и од тоа не смее да се отстапи пред никакви уцени на патот до ЕУ!“ – нагласува Јасминка Павловска во својата колумна со наслов „Три години болен лежам!?“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Павловска пишува: „Трите години од изгласувањето на измените на македонскиот устав за примена на Преспанскиот договор, кои се навршуваат на 10 јануари, ги нагласуваат прашањата: дали се постигнати целите, што требаше да ги постигне Македонија со потпишувањето на Прспанскиот договор? До каде стигнавме со него на патот до ЕУ?“
„Одговорот што го нудат веднаш поддржувачите на договорот е дека Македонија, навистина со географска одредница во името, веќе е 30-та членка на НАТО. Но, членството во НАТО е само ‘дел од понудата’ на прашањето на референдумот, на кој, сепак, не беше донесена одлука за прифаќање на Преспанскиот договор, што беше врзана, пред сѐ, со членството во ЕУ. Минувањето на времето без индикации за напредување на Македонија во евроинтеграциите, ниту за спроведување на договорот од страна на Грција, само ја зголемува скепсата за смислата на целиот проект на Преспанскиот договор. Уште повеќе ја потенцира нелогичноста од забрзаното исполнување на обврските од овој договор од страна на Македонија.“
„Не само што Македонија не е поблиску до ЕУ со Преспанскиот договор, туку овој договор ги активираше апетитите за асимилација на Македонија од страна на Бугарија, од која сега зависи процесот на нашите евроинтеграции. Потпирањето на политиката и уверувањето дека со Преспанскиот договор, односно со угодувањето на барањата на Грција за менување на името на државата, автоматски ќе ни се отворат вратите на Европската Унија, како да престанавме да работиме на себе. Со Преспанскиот договор, без никаква конкретна гаранција за нашите евроинтеграции, практично ја отворивме спиралата на уцени за секој, што има можност да нѐ блокира на патот до ЕУ. Грција не ни помислува да ги спроведе тој мал дел од обврските што ги има со Преспанскиот договор (барем да ја промени патната сигнализација кон границата со Македонија). Бугарија поставува максималистички историско-идентитетски услови и уцени. ЕУ глуми ‘немоќ’“ пред непринципиелноста на нејзините членки.’ – вели поранешната македонска амбасадорка Мелпомени Корнети.“
Не смее да има нови отстапки на патот кон Унијата
„Ветото на Бугарија за почеток на преговорите на Македонија за членство на ЕУ ја разоткри суштината на Преспанскиот договор. Условите и постапките на Бугарија за македонските евроинтеграции ја покажуваат намерата на билатералните договори што ги потпиша Македонија дека се за да се поништи формалноправно постоењето на македонскиот народ и македонската држава, без оглед на фактичката состојба. Со Преспанскиот договор се активираше една подолгорочна проекција, која се одвива во повеќе фази, за рекомпонирање на македонската држава, која би требало да заврши со затворање на црковното прашање. Преспанскиот договор е креиран за по секоја цена да се внесе Македонија во НАТО и во ЕУ, но нема да биде ‘успешен’ без разбивање, асимилирање на македонскиот елемент кај Македонците. Во услови кога македонските евроинтеграции се блокирани од ветото на Бугарија, без никакви гаранции од ЕУ дека и да биде отстрането уцените нема да се повторуваат во текот на преговорите. Треба да се прекине и со спроведувањето на Преспанскиот договор.’ – вели Тодор Петров од Светскиот македонски конгрес.“
„Освен тоа, без оглед на понатамошниот тек на процесот на евроинтеграциите на Македонија, Петров потсетува дека промената на името на државата, како и другите уставно-законски промени произлезени од Преспанскиот договор, се во голема мера нелегитимни, т.е. спроведени во нелегитимна постапка. ‘И покрај сите деградирачки неуставни процеси, во уставот сѐ уште постои институтот – македонски народ, кој е носител на државноста и од тој институт не смее да се отстапи пред никакви уцени на патот до ЕУ.’ – поентира Тодор Петров.“





