Власта продолжува да живее во илузија и ја крие реалната економска состојба во Македонија, прогнозите за раст од 4% се нереални, вели поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини, откако Димитар Ковачевски најави прогнози за економско закрепнување за 2022.
Хајредини рече дека новата Влада треба да престане со популистичките мерки, зашто тоа е крајно несериозно. Според него, земјава успеала да ги ублажи последиците од кризата предизвикана од пандемијата, но сега се соочува со енергетска криза која може да има големи последици.
– Мислам дека новата влада треба да престане со популистичките мерки. Сега ја држи јавноста во неизвесност и живее во илузија, па така ја крие реалната состојба во земјава. Најавите дека нема да се зголеми многу цената на струјата се штетни за граѓаните затоа што загубите на компаниите снабдувачи ќе се плаќаат од буџетот, а тоа ќе го плаќаат граѓаните. Се се плаќа, само се менува формата, вели Хајредини за Алфа.




