Претседателот на Казахстан, Касим-Жомарт Токаев, вечерва побара помош од сојузниците во Одбранбениот сојуз околу Русија за да се смират немирите во земјата, кои ги опиша како „терористичка закана“.
Тоа беше втор телевизиски говор на Токаев за неколку часа, откако поранешната советска република од Централна Азија се соочува со најлошите немири во повеќе од една деценија, првично предизвикани од зголемувањето на цените на горивата.
Според него, терористички банди обучени од странство преземаат згради, инфраструктура и оружје. Тие ја презедоа контролата врз аеродромот во најголемиот град Алмати и пет авиони таму, вклучително и странски авиони, рече тој.
„Ова всушност повеќе не е закана, ова е поткопување на интегритетот на државата и што е најважно – ова е напад врз нашите граѓани кои од мене бараат помош“, рече Токаев.
„Алмати беше нападнат, уништен, вандализиран. Народот на Алмати беше нападнат од терористи и бандити, затоа наша должност е да ги преземеме сите можни активности за да ја заштитиме нашата земја“, објасни тој.






