Минималната пензија во Бугарија скокна на 100 евра!

Красимир Каракачанов, бугарскиот вицепремиер за јавен ред и безбедност и министер за одбрана, е категоричен дека владата ќе го истера мандатот откако ги изврши сите превземени обврски, меѓу кои онаа за зголемување на пензиите.



Каракачанов, како што пренесуваат бугарски медиуми денес, се пофали дека владата оваа година ја зголеми минималната пензија на 200 лева (сто евра).

Минималните пензии беа два пати зголемени во последните пет месеци – прво на 180 лева (90 евра), а од 1 октомври, на 200 лева.

Каракачанов е копретседател на Обединени патриоти (ОП) инаку националистичка  коалиција – ВМРО-БНД, Националниот фронт за спас на Бугарија (НФСБ) и партијата Атака – која е во коалиција со ГЕРБ, владејачката партија на премиерот Бојко Борисов.

Тој вели дека минималните пензиии можеби ќе можело да стигнат и 300 лева (150 евра), да немало еден милион лица кои користеле инвалидски пензии.

Одете низ Бугарија „каде ќе видите цели цигански населби, каде што сите деца се болни од епилепсија, од бронхијална астма, сите се болни. И тука работите се јасни“, коментирал тој како што пренесуваат бугарски медиуми.

Според Каракачанов, околу милион луѓе во Бугарија земаат инвалидски пензии, а реално тоа го заслужуваат само околу 150 до 200 илјади луѓе, поради што се трошеле ресурсите од државната каса.

Каракачанов потсети дека во 1990 година, кога населението на Бугарија било околу девет милиони луѓе, правото на инвалидски пензии го остварувале околу 150 000 луѓе. Сега, од 7 милиони луѓе, дури 1 милион добиваат инвалидски пензии.