Интернетот трпи се: поштенска марка – наводен доказ за име „вардарска“

Некои грчки портали и блогери се натпреваруваат во тоа кој ќе изнесе нов и цврст доказ во прилог на тезата дека спорот со северниот сосед мора да се реши во корист на Грција.



Односно, дека новото решение не смее да содржи било каква географска или временска одредница пред името Македонија, како „нова“, „горна“, „централна“, „северна“ што, според нив, би било само козметичка промена.

Се „копа“ по архиви за да се најдат историски факти дека името Македонија не и прилега на земјата која така се нарекува и го има тоа во вториот дел во уставното име.

Во низата „докази“ сега е извлечена и поштенска марка од предвоена Југославија.

За прашањето за името се очекува да се дискутира во 2018 година, кога медијаторот Метју Нимиц ќе се врати со нови предлози, а во Скопје постоело расположение кај новите власти за разрешување на разликата околу името за што во 1995 беше потпишана Времената спогодба.

Ако навистина политиката на Никос Коѕиас вклучува промена на името во сите сектори (дури и на интернет и на билборди) тогаш, како што констатираат, за првпат можеме да зборуваме за вистинско промовирање на грчките легитимни барања.

Грчкиот министер за надворешни работи би требало да биде умен да запомне и да почне да поддржува дека идеално име за праведно решавање на спорот е „Вардарска“, име кое се користело пред Втората светска војна, за што потврда била и поштенска марка од тој период.

Но, нема поука дали повикувањето на поштенската марка ќе треба да се одрази и на старо-ново именување и на некои други предвоени региони на Југославија од 1939 година, како „Дравска“, „Бановина Хрватска“, „Дунавска“ „Врбска“, „Дринска“,„ Моравска“ „Зетска“…