Општина Центар соопшти дека била урната дивоградба на Кале – средновековната тврдина во Скопје која е и заштитено културно-историско наследство.
Дивоградбата никнала на улица Самоилова, а објектот се води на непознат инвеститор. Градбата која е отстранета е објект од втора категорија, со димензии 10 метри на 5.5 метри, изграден од армирано бетонска конструкција, на земјиште сопственост на Република Северна Македонија, соопшти општината.
За време на кампањата за локалните избори, кандидатката за градоначалник на Скопје Ана Петровска алармираше дека на Кале се користи испробан метод за легализација на дивоградби и купување на државно земјиште, кој што ги поминувал без проблем институционалните филтри за градење.
Од Центар наведуваат дека за урнатата дивоградба било доставено известување за уривање.
Откако никој не го реализирал во рок од законски утврдените три дена општината со градежна механизација извршила уривање на објектот во реонот на Кале.







