ЕСМ подружница Енергетика склучила на 23 декември минатата година рамковна спогодба со скопската компанија „Флчекс пауер“ вредна 1,2 милиони евра без претходно објавување на оглас за јавна набавка.



За таа сума фирмата се ангажира да прави сервисирање на гасните мотори, објави Фактор.

За набавката без оглас согласност дало и Бирото за јавни набавки.

Вкупната цена на договорот е 75,5 милиони денари или околу 1,2 милиони евра, а ќе се плаќа по извршена услуга.  

Оваа компанија и претходно добивала тендери од државните институции, а еден од повредните е склучен со АД ЕСМ лани во јули во вкупна вредност од над 500 илјади евра. 

Пред една недела Центарот за граѓански комуникации ги објави резултатите од мониторингот на јавните набавки во првото полугодие од 2021 година кој покажа дека во тој период преку постапка со преговарање без објавување оглас се склучени договори во вредност од 7,9 милиони евра.

Овие слабости се присутни на тендерите кои ги спроведуваат институциите и на национално и на локално ниво. 

„Толку честата примена на електронска аукција во тендерите може да значи дека учесниците во јавните набавки не ги напуштаат веќе разработените механизми за манипулации и корупција. “, се вели, меѓу другото“ во извештајот.