Лидерот на партијата Има таков народ, Слави Трифонов во понеделникот побара Бугарија да влезе во Шенген зоната, а САД да ги укинат визите за бугарските граѓани во замена за тргање на блокадата кон Македонија во ЕУ. Трифонов денеска се дообјасни, објавувајќи нов статус на Фејсбук во кој бара „Северномакедонците да ги признаат своите историски бугарски корени“.
На ставовите на Трифонов реагираа и повеќе интелектуалци во Бугарија. Професорот по културна антропологија на Универзитетот во Софија и колумнист на ДВ, Ивајло Дичев оценува дека „решението што Трифонов го предлага за Северна Македонија се нарекува уцена.”
„А историјата покажува дека односите со евроатлантските партнери не напредувале многу преку уцени. Посебно кога терористот (т.е. Бугарија) се заканува да го уништи сопствениот регион и националниот интерес, надевајќи се дека некој ќе оди да го спаси“, пишува Дичев на својот Фесјбук профил.
Тој, со доза на иронија, предлага поинаква идеја.
„Многу сум навреден што немаме нобеловец. Па, изјавуваме дека додека не ја добиеме Нобеловата награда за литература, хемија или барем за мир, ќе ги блокираме сите одлуки на ЕУ. Ни проширување, ни фондови, ни ѓавол. И – тврдоглаво, додека не клекнат Швеѓаните!”, пишува Дичев.





