Медиуми: Српската армија вежба вдолж границата со Косово – „НАТО ќе интервенира, ако дојде до судири“

„Припадниците на српската армија изведуваат вежба вдолж границата со Косово. Вежбата се изведува во бази и објекти како дел од редовните активности. Таа е продолжување и унапредување на вежбата, која што единиците на српската армија ја изведуваат пред да бидат испратени во Територијалната безбедносна зона (со Косово). Насоченоста е кон спроведување операции и борбени операции во случај на напад врз силите на српската армија, како и врз тактиките, техниките и процедурите, што се користат за спречување илегални преминувања, екстремистички групи и организиран криминал“ – се наведува во соопштението на Министерството за одбрана на Србија, кое го пренесуваат денес „Телеграф“ и ТВ „Алсат.М“.

ТВ „Алсат.М“ дополнува: „Според српското Министерство за одбрана, ‘безбедносната состојба во копнената безбедносна зона е стабилна и континуираната обука на припадниците на војската на Србија дополнително ја подобрува способноста за извршување конкретни задачи вдолж административната линија во соработка со другите безбедносни тела на Република Србија и КФОР, за да обезбедат мирна и безбедна средина за сите граѓани“.

Инаку, министерката за надворешни работи на Косово Доника Грвала уште на 24 ноември 2021 година во Загреб изјави: „Денес повторно се соочуваме со опасност од судир. Војната се врати повторно како вистинска закана за Балканот. Никогаш од 90 – тите години на минатиот век зборот ‘војна’ не е толку често споменуван како сега. Во јули 2021 година српскиот министер Александар Вулин рече дека српската армија треба да биде во состојба да ги одбрани Србите, каде и да живеат. Минатата недела учествувавме на Форумот за безбедност во Халифакс, во Канада, за да ги предупредиме официјалните претставници на НАТО, на САД и нашите партнери и сојузници.“

Косовскиот информативен портал „Шќип“ вчера напиша: „НАТО забележа зголемување на тензиите во последните месеци во Босна и Косово и размислува и за средствата, со кои располага за да интервенира, ако овие напнатости прераснат во оружени судири.“

„Неодамна видовме зголемени напнатости во Косово и Босна и Херцеговина, со поагресивна реторика, со заглавени реформи и странски актери, кои работат на поткопување на напредокот. НАТО ќе продолжи да ги претставува стабилноста, безбедноста и соработката во регионот, вклучително и секојдневната работа на нашата мисија КФОР под мандат од ОН на Косово и нашите канцеларии во Сараево и Белград.’ – рече генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во интервју за црногорските медиуми.“

„Столтенберг нагласи дека главното оружје на Алијансата е дипломатијата и искажа уверување дека НАТО ги има на располагање сите потребни средства за извршување на своите задачи поврзани со безбедноста на сојузниците и на Балканот.’ – пренесе „Шќип“.