Како ќе се одвиваат преговорите меѓу Македонија и Бугарија, со каква динамика и дали ќе има рокови за договор на новите комисии ќе се утврдува на средбата меѓу Петков и Ковачевски – најави бугарскиот премиер за БТВ. Тој зборуваше дека добрососедството е услов за напредок и очекува компромис.
„Кога имате таква една рамка, за мислење за тоа што сите можеме да добиеме од добрососедството се надевам дека и компромисите по темите кои бугарската Влада ги чека од македонската држава, ќе бидат примени по полесен и подобар начин“, вели Петков.
Специјалниот претставник на македонската Влада во Софија, Владо Бучковски кажа дека му се допаѓаат предлозите на Петков. Тој за РСЕ изјави дека очекува комисиите за економија, инфраструктура, култура и евроинтеграции да си ја завршат работата до јули, но останува да виси прашањето за исходот од разговорите на историчарите.
„Ако остане фокусот да биде само на комисијата за историски и образовни прашања, според мене и понатаму ќе имаме проблеми“, оценува Бучковски.





