Се чини, ФБ статусот на лидерот на „Има таков народ“, Слави Трифонов во кој тој вели дека Бугарија ќе ја тргне блокадата за Македонија во ЕУ, кога САД ќе ги укинат визите за бугарските граѓани, беше причина за реакција од страна на актуелниот потпретседател на Бугарското собрание, Кристијан Вигенин.



Винегин, поранешен министер за надворешни, на Фејсбук напиша дека коалицискиот договор за владеење меѓу „Промената продолжува“, БСП, „Има таков народ“ и Демократска Бугарија има јасен став за европската перспектива на Република Северна Македонија.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, тој пишува дека оваа тема останува еден од најголемите предизвици за Бугарија и бугарската влада во областа на надворешната и европската политика.

Според Вигенин, одржувањето на широк политички договор и соработка меѓу институциите во земјата е клучот за успешна одбрана на бугарскиот интерес. Тој смета дека Советодавниот совет за национална безбедност свикан од претседателот на Бугарија е добра можност да се добијат нови информации и да се споделат политичките ставови за следните чекори.

На крајот од својот пост, Вигенин заклучи дека секој збор е важен, и затоа се надева дека импровизираните изјави во оваа фаза ќе бидат сведени на минимум за да не се создаде лажна претстава за пукнатини во позицијата на Бугарија или меѓу коалиционите партнери.

Иако не го наведува со име, пораката на Винегин, речиси сигурно е адресирана токму до Трифонов кој напиша:

„Бидејќи Американците толку многу сакаат Северна Македонија да е во Европската Унија, на граѓаните на Бугарија, како и на граѓаните на повеќето земји во Европската Унија, да не им требаат визи за да одат во Америка. И второ, повторно, бидејќи сме полноправна членка на Европската Унија, Бугарија мора веднаш да стане членка на Шенген зоната. По чекање и чекање и ние треба да бидеме Европејци. Сега сме помалку Европејци од вистински Европејци“, напиша Трифонов.