Не била целосно пренесена изјавата на албанскиот премиер, Еди Рама, дека ќе побара издвојување од Македонија на патот кон ЕУ, ако во следните шест месеци бугарското вето не биде повлечено, објаснува министерот за надворешни работи, Бујар Османи, кој вели дека сепак Албанија има право тоа да го побара.
„Јас ја слушнав изворно изјавата и тој рече – ќе ги прашаме граѓаните дали мислат дека доколку за 6 месеци не се повлече бугарското вето, дали Албанија треба да бара издвојување од Македонија – значи консултација со граѓаните по однос на тоа прашање, а не одлука дека Албанија ќе бара да го продолжи сама патот.
Сметам дека со регионална динамика двете држави ќе добијат, затоа сметам, ако е тоа аргумент плус, за убедување на албанските државјани, на албанската влада, дека неформалниот регионален пристап е во интерес на двете држави, па и на регионот, меѓутоа, Албанија има право да бара такво нешто бидејќи процесот е таков, формално индивидуален“, рече Османи.







