Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека од август 2020 година до денес цената на струјата кумулативно порасна за околу 40 проценти.
„Најпрво летото 2020 година струјата поскапи 7,5%, потоа летото 2021-ва уште нови 12,5%, за сега над 15%. Поскапување на поскапување и дојдовме до околу 40%. Да биде уште потрагично и покрај сите овие поскапувања МЕПСО и ЕЛЕМ се претворија во загубари. ЕЛЕМ има рекордно најниско ниво на произведена домашна струја, нема доволно јаглен и акумулациите се празни, а МЕПСО нелегално влече струја од европската мрежа. Ете до кое дереџе го донесе заевизмот енергетскиот систем во Македонија. За ова мора да има одговорност“, потенцираат од партијата.
Од партијата велат дека последното зголемување на цената од 9,48 проценти ќе биде поголемо:
„Електричната енергија освен базичното поскапување, дополнително поскапува и по основ на укинувањето на евтината дневна тарифа. Оттука вкупното поскапување изнесува над 15 %.
Ова значи дека едно семејство кое плаќало по 2.000 денари месечно за електрична енергија ќе плаќа сега по 2300 денари плус ДДВ. Ако се земе предвид дека намалената стапка на ДДВ ќе се враќа етапно во текот на следната година ударот по семејниот буџет ќе биде уште поголем, велат од ВМРО-ДПМНЕ.






