Бајден (ќе) ја брани Украина

За време на телефонскиот разговор со украинскиот колега Владимир Зеленски, американскиот претседател Џо Бајден ја истакнал поддршката на Вашингтон и сојузниците решително да одговорат во случај ситуацијата на украинската граница да се влоши, соопшти Белата куќа.



„Бајден јасно стави до знаење дека САД, нивните партнери и сојузници решително ќе одговорат доколку Русија во иднина ја нападне Украина“, се вели во соопштението.

Бајден и Зеленски изразиле поддршка за дипломатските напори во рамките на претстојните контакти со Москва преку НАТО и ОБСЕ.

Претходно, САД и нивните западни партнери, коментирајќи ги руските предлози за безбедносни гаранции, најавија дека нема да носат одлуки без да се консултираат со земјите кои ќе бидат засегнати од овие одлуки.

Претседателот Бајден истакна дека САД, заедно со сојузниците и партнерите, се посветени на следење на принципот „Нема да направиме ништо за вас без вас“, се вели во соопштението.

Бајден, исто така, ја потврди својата поддршка за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина.