„Завивањето на национализмите околу нас, за кои велат дека биле европски за разлика од нашиот македонски национализам, хиените засилени пред она што им се чини како беспомошен плен не остава друга алтернатива, освен да се одговори соодветно. Се плашам дека оваа 2022-ра е новата 2018-та! Се подготвуваат за последниот клинец во ковчегот, а јас немам намера да молчам и да заминам тивко во ноќта.“ – вели универзитетската професорка и политички аналитичар Билјана Ванковска во својата колумна со наслов „За некои Македонци подобри од нас“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Ванковска пишува: „Ова не е само патетичен врисок по (симболичкото) национално прашање, ова е прашање на опстанок. Македонија е алфа и омега за решавање секој актуелен и суштествен проблем: без тој наш контекст, ќе бидеме на ветрометина, колонија без свест за себе и своите интереси. Си ја сакаме ли ние Македонија? Што ни е нам Македонија?“
„Сите ние што сме нејзини чеда, без оглед на другите идентитетски одредници. Зошто дозволуваме неранимајковци и полуидиоти да бидат вождови и да нѐ замајуваат со европски и НАТО-бајки, додека се богатат, а нас нѐ тераат не само да се гледаме преку нишан туку и да играме руски рулет со сопственото национално битие? Знаете ли друга држава што просперирала без свеста за себе и за своите интереси?“
„Конески виде бел ден и стамени момци фатени в историско оро, а јас гледам залез и луѓе што го напуштаат орото како застарено, безвредно, безнадежно… или фаќаат оружје в рака, за да станат поробувачи додека дома се поразени до коска, без војна, со предавство.“
„Што ли ќе оставиме зад нас? Што ли ќе биде врежано за Македонија во свеста на тие што уште не се родени? Како ли ќе нè судат? Ќе нè колнат ли или сожалуваат, или само ќе нè одминат и со презир ќе нè наречат патетични ‘националисти’, што верувале дека Македонија е сè што имаме. Можеби ќе станат Европејци без корен (а такви нема, се разбира)? Дали Македонија ќе биде само егзотично име од преданијата на заборавените предци?“
„Денешните „македонски работи“ се Гордиев јазол: секој проблем е дел на претходниот и семе од кое се раѓа на наредниот. Македонија денес е таков сложен сплет на актери, настани, пресврти и на силен меѓународен инженеринг, што пресекувањето на јазолот би било знак на лудост, а не на храброст. Оној што денес сака да пишува за ‘Македонските работи’ мора да ја избегне замката на објаснување на скршената ‘македонска приказна’. Нам ни треба разбирање на нејзината историска целост, особеност и трагика – заедно со идеја за излез од ова што ни го прикажуваат како безизлез.“
„Некои подобри Македонци од нас бездруго нема да се плашат да зборуваат за македонштината, а за денешните, се плашам, е доцна! Тие го загубија духот, или разумот, и се само статисти во историската драма, што ни се случува. Засега немаат сила да се дигнат и застанат на нозе.“
„Мојата надеж е дека овие зборови некако ќе преживеат и дека ќе ја надживеат оваа креатура од северна, поалбанчена и побугарена, а божем поевропска Македонија, барем како ехо. Можеби ќе допрат донекои љубопитни млади луѓе, што ќе сакаат да знаат што се случило со нашата Атлантида, зошто потонала, како била лишена од вербата во себе и во својот културен и друг потенцијал. Можеби ќе го разберат подобро она што и јас не можам да го одгатнам: како е можно еден народ да изврши колективно самоубиство од ваков размер, до непрепознавање? Без одбраната на македонското, на македонштината, нема одбрана ни на своето Јас.“
„Ние заминуваме со недејствување, со профитерски агенди, со подвиткан ’рбет, а божем достоинствен европски став. А вие што доаѓате научете ја историската лекција за нашиот пораз, за да не го повторите. Денес се чини дека Македонија е сè што немаме, ама можеби ќе ве чека жарот да го распретате под пепелот, па со нов елан ќе кажете: сме биле, сме и ќе бидеме Македонци!“ – истакнува Ванковска во својата колумна.
Интернет – врска до целата колумна:
https://www.novamakedonija.com.mk/mislenja/za-nekoi-podobri-makedonci-od-nas/





