Груби: Ќе има албански премиер – не ни требаат политички авантури и избори, туку институционална стабилност

„Првиот претседател на Владата во оставка Артан Груби вели дека Македонија нема време за политички авантури и оти е потребно насочување кон решавањето на спорот со Бугарија и потоа да се деблокира европскиот пат. Тој истакнува дека е оптимист оти за кратко време Македонија ќе може да ги отвори преговорите со ЕУ, но додава дека, за да се постигне ова, Македонија треба да има институционална стабилност, во оваа смисла спротивставувајќи се на можноста за одржување предвремени парламентарни избори. Во интервјуто за ‘Косова Прес’ Груби зборува, покрај другото, и за позицијата, што ќе ја има ДУИ во новата Влада.“ – објави „Косова Прес“.

„Косова Прес“ пишува: „Груби изјави дека позицијата на првиот заменик – претседател на Владата на Македонија ќе и припадне повторно на Демократската унија за интеграција. Додека социјалдемократите ќе променат некои свои министри, ДУИ нема да има промени во новиот владин кабинет, освен што се очекува да го преземе раководењето со Министерството за образование. Груби укажува: ‘ДУИ ќе биде на овие позиции, кои ги има и кои донесуваат многу корист за граѓаните: со позицијата, што јас ја вршам како прв заменик – премиер, со министерот за надворешни работи, со министерот за финансии, со министерот за економија, со министерот за животна средина. Но, имаме и една промена кај Министерството за информатичко општество и администрација, кое најверојатно ќе го размениме со Министерството за образование, што ќе значи дека ќе преземеме министерство, со кое раководевме и порано и кон кое имавме стремеж… Ги задржуваме истите позиции во Владата.“

„Груби вели дека предвремените избори и политичките кризи би ги довеле во застој процесите поврзани со отворањето на преговорите со Европската Унија и напомнува: ‘Отворањето на преговорите со ЕУ се попречува од Бугарија, поради спорот во врска со спроведувањето на Договорот од 2.август 2017 година. Но, ние се надеваме дека ова ќе се надмине час поскоро. За да се постигне ова, нам ни треба институционална стабилност во Собранието, една Влада и да знае Софија по изборот на новата Влада таму во Бугарија дека има партнер во Скопје, со кој ќе може да донесе одлуки и да го деблокира нашето чекорење кон ЕУ.“

„Првиот заменик – претседател на Владата на Македонија Груби нагласува дека е оптимист оти рано напролет во 2022 година ќе се одржи првата меѓувладина конференција, велејќи: ‘Ова прашање со Бугарија е од животно значење за иднината на државата и ние немаме време за авантури и политичка институционална непредвидливост за нашите граѓани во блиска иднина. Ние сме оптимисти во поглед на надминување на спорот со Бугарија и од причина што веќе имаме одговорено на пет нивни прашања, кои тие ги имаат покренато во Резолуцијата усвоена во бугарското Собрание. Ние се надеваме дека врз основа на овие два става на Софија и Скопје, како и врз основа на нашите одговори на нивните прашања, оти ќе започнеме интензивни разговори, за да ги усогласиме ставовите, за да се доближиме и потоа да се отстрани бугарската блокада на нашето европско патување.“

„За ‘Косова Прес’ Груби зборува и за договорот со СДСМ во врска со раководењето со Владата од страна на албански премиер во последните 100 дена на Владата. Тој вели дека него ќе го одреди лидерот на ДУИ Али Ахмети и оти со ова ќе се потврди дека Албанците во Македонија можат да се наоѓаат на позиција и на премиер и на претседател на државата. Тој рече и дека ниту една албанска политичка партија нема да има храброст да не гласа за албански кандидат, додавајќи дека и ВМРО ДПМНЕ е подготвена да го прифати овој договор. Груби посочува: ‘Тие се обврзаа јавно и не верувам дека која било албанска политичка партија би имала храброст да не гласа за албански кандидат прв пат да биде избран за премиер со гласови во Собранието. Не гледам посебен предизвик околу ова ниту за ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи и тие се подготвени да гласаат за Албанец како премиер во оваа држава, особено во последните 100 дена од оваа влада. Оваа иницијатива е повеќе од симболична, да беше и само еден ден ќе беше симболична, но 100 дена не се малку пред избори. Така ќе се воспостави едно ново правило, едно нова реалност во нашата земја да има еден Албанец на чело на Владата.’ – порача Груби во интервјуто за ‘Косова Прес“.