Нидал Алгафари, бугарски режисер, писател, поранешен извршен директор на Бугарската национална телевизија (БНТ) и политички пи-ар, смета дека Бугарија не може да ѝ се спротивстави на Европската унија ако таа реши да ја прими Македонија.



„Она што нашите политичари треба да го разберат е дека ние сме многу мала земја со многу мала моќ, на многу мала територија на Европската унија и не можеме да ја наметнеме нашата волја во однос на тоа што го очекуваат поголемите од нас во Европа. Северна Македонија, дали тоа ни се допаѓа или не, ќе биде примена, без разлика дали нашите политичари ќе кажат да или не. Ќе бидеме принудени финансиски, политички, ако сакате и историски, исто како што успеаја да ја притиснат Грција да го прифати името Северна Македонија на крајот на 2018 година и да најде компромис. Сè друго е прав во очите на народот – дека се големи патриоти, големи националисти. Верувам дека голем дел од луѓето во Владата кои во моментов преговараат за Северна Македонија имаат уште многу вагони со книги за читање и учење од историјата за да почнат да заземаат каква било позиција“, изјави Алгафари зa бугарски „Трибјун“.