Три бебиња се родиле на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК) во текот на новогодишната ноќ, информираа денеска министерот за здравство Венко Филипче и директорката на Клиниката, Викторија Јовановска.



„Првото родено бебе е машко. Четврто во семејството Стошиќ, на Сузана и на Горан. Посакувам да расте здраво, да биде успешно, има 3 килограми и 70 грама и има 50 сантиметри. Родено е во првата минута после полноќ, а во втората минута уште едно бебе , женско, 3 килограми и 50 грама. Има исто така 50 сантиметри и е прво бебе на мајката Симона. И тоа посакувам да биде здраво, успешно“, рече министерот Филипче.

Третото бебе е родено во ковид-центарот затоа што мајката е позитивна на ковид-19. Станува збор за машко бебе кое тежело 2 килограми и 440 грама, а се родило околу 5 часот.„Сите деца породени после полноќ се добри, вклучувајќи го и тоа бебе што се роди во ковид-центарот. И мајката е добра, спонтано породена и набрзо ќе замине дома“, рече директорката Јовановска.