„Ако му сака добро на СДСМ, Ковачевски не треба да го дозволи враќањето на кадрите познати како ‘бранковисти’, поради ставовите што оваа партиска струја во СДСМ ги имаше кон Албанците. Не треба да се менува концептот ‘Едно општество за сите’. Албанците го ‘вратија во живот’ СДСМ, тие и го ‘одржуваат во живот.“… предупредува информативната агенција на албански јазик „Журнал“ во својот уреднички коментар.
Журнал“ пишува: „Заев веќе ги напушти челните позиции во СДСМ и Владата, заедно со најголемиот дел од неговата екипа, со кои го изгради концептот ‘Едно општество за сите’. Дали СДСМ ќе продолжи со овој концепт и по заминувањето на Заев? Дали и новиот лидер Димитар Ковачевски ќе го продолжи овој концепт, или ќе крене раце од него?“
„Гледано од нивна партиска призма, СДСМ не само што треба да продолжи со тој концепт, туку и треба да го унапредува. Во изборите во 2016 година овој концепт му донесе на СДСМ 50-70 илјади гласови и го направи покомпетитивен, за да се соочи со дотогаш непобедливото ВМРО ДПМНЕ под раководство на Никола Груевски.“
„Денес работите се многу променети во однос на 2015 и 2016 година, кога се промовираше концептот ‘Едно општество за сите’. И ВМРО-ДПМНЕ денеска го смени речникот кон Албанците и не се истакнува со непристоен речник како досега. Ако во 2015-16 година беше доволно СДСМ да се претстави само прокламативно со ‘Едно општество за сите,’ за да ги придобие симпатиите на Албанците, денес е потребна поголема посветеност и работа на тоа поле.“
„Иако ослабена по локалните избори, СДСМ се уште е владејачка партија и има многу можности со дела, а не само со зборови да ја докаже заложбата за ‘Едно општество за сите’. Ако му сака добро на СДСМ, Ковачевски не треба да го дозволи враќањето на кадрите познати како ‘бранковисти’, поради ставовите што оваа партиска струја во СДСМ ги имаше кон Албанците. Тој не треба да дозволи ниту да се смени концептот ‘Едно општество за сите“
„Секој во СДСМ треба да го има предвид придонесот, што го дадоа Албанците за ‘враќање во живот’ на СДСМ, но и придонесот кој тие можат да го дадат за ‘одржување во живот’ на социјалдемократите во време кога работите не одат добро за македонското бирачко тело.“ – заклучува „Журнал“ во својот уреднички коментар.





