Регулаторната комисија (ДКСК) констатирала дека за организирање на новогодишната прослава на плоштадот во Скопје за 2020 година, на која настапи пејачот Дино Мерлин и други групи, прекршен е Законот за јавни набавки.
Постои основано сомневање дека Младинскиот културен центар постапил спротивно на законот и не спровел постапка за јавна набавка, туку распишал јавен оглас за организирање на новогодишната прослава.
Новогодишната прослава на скопскиот плоштад чинела околу 240 илјади евра, од кои околу 154 илјади евра се платени од градскиот буџет.
ДКСК за ова ќе достави иницијатива за кривично гонење пред ОЈО за гонење организиран криминал, како и иницијатива за отворање постапка за одговорност на одговорното лице до институцијата која го именува, односно Градот Скопје.
Членот на ДКСК Горан Трепеновски, вели дека ова произлегло од проверката на тендерите на институциите за јавна набавка на техничка поддршка, по сопствена иницијатива на ДКСК.
Според Трпеновски, ДКСК постапувајќи по анонимна пријава, за тоа дека една иста фирма во последните десет години добила 41 тендер од државни институции за техничка поддршка на Младински културен центар, Национална опера и балет, Макфест, Универзална сала, Македонска филхармонија, Охридско лето и други институции, од целокупната документација сепак не констатирала конкретни злоупотреби во постапките за јавни набавки.







