„Журнал“: Во 2022 Села остар и агресивен кон власта – Ахмети попасивен и против предвремени избори

„Лидерите на ДУИ Али Ахмети и на Алијансата за Албанците Зијадин Села во своите пораки пред крајот на оваа година ги најавија стратегијата и контурите на нивната политичка битка во 2022 година. Без оглед дали 2022-ра ќе биде година на предвремени избори, или година која ќе помине без изборен процес, тие 12 месеци ќе бидат и натаму период на политички судири во албанскиот табор. Ахмети и Села во своите истапувања навестија на кои ‘фронтови’ ќе се одвиваат битките меѓу нив.“ – вели информативната агенција на албански јазик „Журнал“ во својата анализа со наслов „На кои фронтови ќе се одвива политичката битка меѓу Али Ахмети и Зијадин Села во 2022 година?“

„Журнал“ пишува: „Села соопшти дека ќе следи остар и агресивен курс кон грешките на власта во сите области. Тој рече дека во услови на пандемијата со коронавирусот 2021 година беше многу потешка и поради неспособноста на политичарите, кои раководеа со здравството. Села зборуваше и за одржаните локални избори, на кои, според него, граѓаните не можеа со слободна волја да одлучат, кој ќе ги претставува во општините. Села ги споменува и трагедиите, што се случија во Тетово и Бугарија, како и неодговорноста за нив, каде што во врска со нив се користи често изразот ‘истрагите продолжуваат“.

„Лидерот на Алијансата на Албанците не беше нималку помек и во своите оценки за политиката на владејачкото мнозинство, оценувајќи дека евроинтегрирањето и датумите за отпочнување на преговорите со ЕУ беа најголемата лага во текот на целата 2021 година.“

„Лидерот на ДУИ Ахмети најавува поинаква политичка стратегија, малку попасивна од стратегијата што ја навести претседателот на Алијансата Села. Ахмети уште еднаш го ‘бетонираше’ ставот против предвремените парламентарни избори. Тој ја повтори и својата убеденост во брзото решение на спорот со Бугарија нагласувајќи дека има приближување во ставовите меѓу партиите.“

„Но, Ахмети побара да не се политизира спорот, поради чувствата што ги содржи решението на овој проблем. Меѓу другото, Ахмети изјави дека преговорите со бугарската страна не се лесни, но и оти е важно е да има конструктивен дијалог и добра волја, бидејќи, како што кажа, ‘двете земји имаат заедничка точка: градење стабилна и мирна држава.“

„Каква и да биде политичката битка меѓу ривалските албански партии, и во 2022 година јавноста ќе очекува првата пресметка меѓу политичките лидери, кои раководат со најголемите партии. Останува да се види дали тоа ќе се случи, или ќе биде одложено за подоцна.“ – заклучува „Журнал“ во својата анализа.