Камбери: Во Стразбур ќе се бара правда, поради српската употреба на навредата „Шиптари“ кон Албанците

„Во Србија е легализиран навредливиот термин ‘Шиптари’ од страна на тамошните судови. Албанскиот национален совет во Србија го тужеше главниот српски полицаец Александар Вулин, поради јавната употреба на навредливиот термин ‘Шиптари’. Но, Апелацискиот суд на Србија ја отфрли тужбата.“ – објави весникот „Бота сот“, а пренесоа „Косовари.прес“ и други медиуми на албански јазик од Косово.

„Косовари.прес“ пренесува: „Околу овој термин немаше реакции ниту од Косово, ниту од меѓународната заедница. Но, во врска со тоа реагираше албанскиот пратеник во српскиот Парламент Шаип Камбери, кој рече дека останува правдата да се бара во Стразбур, за да не се навредуваат Албанците. Камбери нагласи: ‘Ова е правдата на државата, која ‘вложува напори’ да влезе во ЕУ. Ова е проблем и за Жозеп Борел, високиот претставник за надворешна политика и за безбедност и потпретседател на Европската комисија, како и за раководството на ЕУ. Уставниот суд на Србија е само следната станица. Битката за правдата останува да се бара во Европскиот суд за човекови права во Стразбур“.

„Мухамед Келменди, редовен професор и декан на Правниот факултет на универзитетскиот ‘Колеџ ААБ’ од Косово, во изјавата за ‘Бота сот’, покрај другото, истакнува: ‘Уште од поодамна во Србија Апелацискиот суд ја внел националната навреда ‘Шиптари’ кон Албанците во официјалниот говор на криминалната српска држава. Оваа навреда е само за еден дел од албанскиот народ надвор од матичната држава. Претставниците на српската Влада ги нарекуваат ‘Албанци’ Албанците во Албанија. Додека, Албанците во Косово, во Прешевската долина, во Црна Гора и во Македонија се нарекуваат ‘Шиптари’ од страна на Србија.“ – пишува „Бота сот“, а пренесуваат „Косовари.прес“ и други косовски медиуми.