Ивајло Дичев, професор по културна антропологија на софискиот универзитет „Свети Климент Охридски“, ја оцени како „огромна глупост“ бугарската позиција кон Македонија и сугерира таа брзо да биде поправена, бидејќи тоа, според него, е во интерес на Бугарите.
„Направивме огромна глупост со нашата позиција кон Северна Македонија и треба брзо да ја поправиме таа политика. Никој не нè притиска, тоа е во наш интерес“, вели професорот од чии ставови „се срами“ ВМРО-БНД, поради што во септември минатата година писмено се обрати до ректорот Анастас Герџиков со барање за Дичев да расправа Етичката комисија.
„Во прашање не е историјата, туку идентитетот – тој е искуство, а не факт. Не може еден историчар да отиде во Северна Македонија и да им каже дека се Бугари… Еднаш се обидовме да натераме 300 илјади наши бугарски сограѓани од турско потекло да си ги сменат имињата и да бидат Бугари и резултатот е катастрофален. Многу се надевам дека овојпат нема да ја повториме таа грешка, нема да се мачиме насила некакви луѓе да ги правиме Бугари. Обратно. Треба да се зближуваме со нив, треба да комуницираме и да разменуваме културни нешта. По можност да ја надминеме таа бездна што беше меѓу нас во текот на 20. век“, изјави Дичев за Бугарското национално радио (БНР).






