„Во земјава има политички партии, кои делуваат проруски и имаат многу влијание од истокот. Тие соработуваат со руските интереси и тоа не е тајна во државава, само можеме да се правиме дека не ги гледаме“ – изјави лидерот на ДУИ, Али Ахмети на брифинг со новинарите во Мала Речица.
На новинарско прашање кои се тие партии, тој рече дека тие се партијата на Јанко Бачев и Левица. Според Ахмети, Левица е партија која е отворено против Охридскиот и Преспанскиот договор, а и против признавањето на Косово и против членство во НАТО.
Ахмети не ја вбројува ВМРО-ДПМНЕ во проруските партии и смета дека не била дел од тие структури.
Лидерот на ДУИ исто така смета дека земјава е мала и мора да се определи, а не да игра со двете страни, мислејќи на НАТО и на Русија. Тоа, според него, било одлика на времето на другарот Тито.
Ахмети е против предвремени парламентарни избори, затоа што според него Македонија има многу задачи за извршување, а оптимистички очекува решение за спорот со Бугарија по Нова година. Тој изјави дека ставот на Бугарија бил да се признае бугарското малцинство во Македонија, но дека тоа не било прифатливо за нашата страна.





