Поранешниот премиер Зоран Заев до заминување од функцијата бил најплатен член на Владата со 87.913 денари месечни примања. Во месечниот износ влегува и минатиот труд, а екс премиерот тогаш имал 22 години работен стаж, објави Фактор.
Според висината на платата, веднаш зад Заев е министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој примал месечен износ од 85.113 денари.
Трета по висината на платата е министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, чии месечен надоместок во декември лани изнесувал 74.273 денари.
На четврто место е министерката за одбрана Радмила Шекеринска, чија плата изнесувала 72.989 денари.
Министерката за култура Ирена Стефоска, има нето плата од 72.670 денари и има 23 години работен стаж.
Иста плата и исти години стаж, односно нето плата во декември лани од 71.385 денари и работен стаж од 19 години, имаат вицепремиерите за европски прашања Никола Димитров и за економски прашања Фатмир Битиќи.
Првиот заменик на премиерот, пак, Артан Груби од ДУИ, има плата од 70.102 денари, а неговиот работен стаж е 15 години.
Иста плата и исти години работен стаж има неговиот сопартиец, министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Толкава е и платата на министерот за локална самоуправа Горан Милевски од ЛДП.
Министерот за финансии Фатмир Бесими, е првиот под седумдесетката, Тој има месечен надоместок од 69.783 денари.
Министерот за правда Бојан Маричиќ, со 10 години стаж има 68.499 денари.
Следуваат платите на Венко Филипче, Крешник Бектеши и за транспорт Благој Бочварски.
Со седум години стаж министерката за образование, Мила Царовска, која исто така нема да биде дел од новиот владин состав, земала плата од 67.537 денари.
Најниски плати од над 65 илјади денари имаат министерот за животна средина Насер Нуредини и за информатичко општество, Јатон Шакири, кој ќе замине да го предводи ресорот образование.
Одделни експерти сметаат дека владините функционери треба да добиваат повисоки плати, со цел да не запаѓаат во замка да подлежат на коруптивни притисоци.
Одделни директори на јавни претпријатија или први луѓе на регулаторни тела земаат многу повисоки плати од министрите во Владата.






