Павловска: Софија ја „пакува“ Македонија како безбедносно ризично жариште за ЕУ

„И покрај смирувачките тонови во безбедносната процена на македонскиот претседател, запрепастувачка е противречноста на постапките на неговиот бугарски колега, кој ги мобилизира сите безбедносни капацитети во Бугарија, небаре се подготвува за војна.“ – нагласува Јасминка Павловска во својата колумна, која ја објави весникот „Нова Македонија“.



Павловска пишува: „И покрај смирувачките тонови во безбедносната процена на македонскиот претседател, запрепастувачка е противречноста на постапките на неговиот бугарски колега, кој ги мобилизира сите безбедносни капацитети во Бугарија, небаре се подготвува за војна. Пендаровски нагласува дека ‘не ни се заканува никаква безбедносна дестабилизација, и ако блокадата (на Бугарија) потрае’, но, неговиот бугарски колега Румен Радев најавува дека на почетокот од идната година има намера да го свика неговиот Консултативен совет за национална безбедност (КСНС) во врска со темата за Република Македонија.

„Важно е да имаме став на ова политичко тело, за кој и партиите ќе имаат јасна позиција што треба да се направи, за да се забрза на интеграција на Република Македонија во ЕУ, но имајќи го предвид и почитувајќи го бугарскиот национален интерес.’ – изјави Радев. Со повикувањето на бугарскиот највисок Совет за безбедност Радев јавно демонстрира национална безбедносна загрозеност и им порачува на регионалната јавност и на ЕУ дека Македонија е безбедносен ризик?!“  

Дали Радев ќе ја изманипулира ЕУ дека Македонија е безбедносен ризик?

„Оваа најава за свикување на Консултативниот совет за национална безбедност од страна на бугарскиот претседател не е прва, ниту невообичаена негова постапка во текот на македонско-бугарскиот спор. Претходно, барем еднаш го има свикано КСНС, за да предложи дејствија за заштита на правата на македонските граѓани со бугарска самосвест, колку тоа и да звучи парадоксално, како мешање во внатрешните (безбедносни) работи на Македонија. Наспроти леснотијата за вклучување безбедносни аларми на бугарскиот претседател, македонскиот претседател смирува дека македонските граѓани се безбедни, барем од некакви ризици што би произлегле од спорот.“

„ Во врска со блокадата на европските интеграции слушаме во последно време дека оддолжената состојба без промени, наводно, може да предизвика безбедносна дестабилизација на државата. И ако блокадата потрае, не ни се заканува никаква безбедносна дестабилизација независно од бројот на нонпејпери, што некои упорно ги исфрлаат. Европските интеграции немаат издржана алтернатива за нас, но тие имаат своја цена. Ако таа цена значи откажување од нашиот идентитет, не гледам политичар кај нас, што ќе сака да го продаде својот народ за такви европски интеграции. Неодамна, со апсолутен консензус усвоената резолуција во ова Собрание за македонските државни позиции е доволно индикативна во таа насока.’ – кажа Пендаровски во своето годишно обраќање пред македонското Собрание.“ – пишува, покрај другото, Павловска во својата колумна.

Интернет – врска до целата колумна:

https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/sofija-ja-pakuva-makedonija-kako-bezbednosno-rizichno-zharishte-za-eu/