Ајрулаи: Македонија, големата црна дупка на Балканот – како може црна дупка да се интегрира во ЕУ?

„Македонија има многу црни дупки. Дупки на патиштата, во системот, во правдата, во судството, во образованието, дупки во здравството, во економијата, во безбедноста, во законите, дупки во институциите, во тендерите, во изборите, дупки во политиката, во главата. Всушност, политичарите ја претворија Македонија во голема црна дупка на Балканот и никој не одговара за тоа. Нашите политичари доаѓаат на функции, прават дупки, кои го попречуваат нормалното функционирање на граѓаните, а потоа си заминуваат како ништо да не се случило. На граѓаните им останува да се соочат со дупките и да се справат со последиците од нив.“ – вели Љуљјета Ајрулаи, магистер по социолошки науки, во својата колумна со наслов „Црна дупка“, која ја објави весникот на албански јазик „Лајм“.

Ајрулаи пишува: „Последната влада ја претвори нашата земја во трагична црна дупка каква што нема никаде во светот. За само два месеци живи изгореа 59 граѓани, мажи, жени и деца, а никој од надлежните не одговараше за овие големи трагедии. Тие велат дека се уште се истражува. И пред две години се случи трагедија кога животот го загубија 16 лица и денеска нема одговорност. Оваа состојба не е едноставна дупка, туку е дупка над дупките. Невиден пример. Во оваа земја ненормалното се смета за нормално. Антивредностите се претворија во вредности. Неписмените и криминалците се функционери на високи државни функции. Во оваа земја политичките партии се центри за вработување. Никој веќе не мисли на државата и општото добро.“

„Секој си го гледа само личниот интерес, брзото збогатување на незаконски начини, ограбувајќи и узурпирајќи јавни пари и јавна сопственост. Во оваа држава оние поединци, бизнисмени, претпријатија, јавни институции, кои најмногу им нанесуваат штета на народот, кои што ја водат оваа држава, токму тие се наградени со унапредување на работни места, зголемување на платите, со бонуси, субвенции и разни бенефиции. Во време на светска криза со пандемијата, мрзеливите и несозреани функционери во оваа земја се луксузираат и купуваат скапи автомобили, згради, станови, куќи, вили, часовници и што уште не.“

„Сето тоа го прават со пари и врз грбот на луѓето, од кои голем број поради сиромаштија не можат да ја обезбедат ниту основната егзистенција на сопственото семејство. Дупките во оваа држава немаат крај. Властите ја претворија Македонија во огромна црна дупка, која наликува на црните дупки во вселената. И како може црна дупка да се интегрира во Европската унија?“ – заклучува Љуљјета Ајрулаи во својата колумна.