„Владата игра опасна игра, која предизвикува кај народот ефект на ‘Фројдовиот балон’, кој се надувува, се надувува (бидејќи тој народ молчи и му се насобира внатре во него), и потоа пука… Како невролог имам јасна дијагноза за оваа ситуација: со секој ден колку што е подолго оваа Влада на власт, толку е и поголема опасноста од заболената држава… со народот кој страда…“ – вели Арбен Таравари, генералниот секретар на опозициската Алијанса на Албанците и градоначалник на Гостивар, во својата колумна со наслов „Скандалите кои ја внесуваат Македонија во Гинисовата книга на рекорди“, објавена во весникот „Коха“, која ја пренесе и информативната агенција на албански јазик ИНА.
Покрај другото, Таравари пишува: „ДУИ во Гостивар го искористи сиот свој арсенал, ‘момчињата на Али Ахмети’ знаејќи, или не знаејќи, играа покер со судбината на луѓето, но накрај Гостивар ги победи Али Ахмети и неговата партија. Тоа беше неуспех, кој на прв поглед, ги чинеше Али и неговата партија поскапо од било што друго. Но, подоцна сите сфатија дека со фокусирањето на Гостивар ДУИ успеа да го пренасочи вниманието на јавноста од една уште поголема загуба: од Поразот во Тетово!!! Играјќи си со бројки во ‘Невозможни мисии’, ДУИ се обидуваше, а и денес се обидува, да ја прикрие својата капитулација!“
„По локалните избори сега ДУИ не раководи со ниеден од најголемите градови во Македонија, населени со Албанци како Тетово и Гостивар, дури ниту со Скопје и Куманово. Нејзината навидум наивна борба е перфидна и секогаш е на штета на народот. Пред две недели полицијата фати група луѓе, вклучени во кампањата на ДУИ во Гостивар, со 100 килограми дрога. Немаше никакво дистанцирање, никаква осуда на овој случај од страна на ДУИ… Но, огранокот на ДУИ во Гостивар ме тужеше за клевета како баксузите, што ги фати полицијата, да немаа 100 килограми марихуана вредна 300 илјади евра, туку 100 килограми зелена салата останата од предизборната кампања…“ – наведува Арбен Таравари во својата колумна.





