Слободните денови за католички Божик и за Нова година илјадници иселеници од Македонија во западноевропските земји ги искористија за доаѓање во родниот крај, што последниве денови создава деноноќен метеж на граничниот премин Табановце.
Според податоците на Министерството за внатрешни работи што ги објави телевизијата Алсат-М, само вчера македонските копнени граници ги преминале 35.607 возила, од кои 23.494 влегле, а 12.113 ја напуштиле државата.
Притисокот е најголем на Табановце, каде што се отворени сите расположливи шалтери, а „опашките“ се должат на проверката на потврдите за вакцинација или за негативни тестови за Ковид-19, објаснуваат од МВР.
За излез од Србија и влез во Македонија на овој граничен премин се чека и до два часа, што создава нервоза кај возачите и сопатниците, кои често реагираат со „хорско“ вклучување на сирените.
Во пресрет на Нова година се очекува уште поголем наплив на возила и патници на Табановце.






